Министрите за култура од земјите од ЈИЕ ја јакнат културата во функција на развојот
Според генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, Република Македонија игра значајна улога во одржување на меѓународната соработка во областа на културата.
Министрите за култура земјите од Југоисточна Европа ќе градат заеднички платформи за јакнење на културата во функција на развојот. На првиот состанок на Советот на министри за култура од овие земји на кој домаќин е токму нашиот град, тие ја добија и поддршката на УНЕСКО. Генералниот директор на оваа институција, Ирина Бокова, истакна дека учеството и значењето на Република Македонија во зајакнување и одржување на меѓународната соработка во областа на културата е навистина значајна.
„Имаме солидна основа на соработка, само да споменам дека Македонија е членка на извршниот одбор на УНЕСКО, со што придонесува во сите наши дебати за засилување на соработката во светски рамки, но и во земјите од Југоисточна Европа во областите на културата, образованието, науката. Имаме тука културно наследство, знаеме колку е важно и движното и недвижното културно наследство за УНЕСКО. Имаме тука и центар за дигитализација на наследството, многу значајна работа која ја правиме, па утрово направивме една ревизија на нашата соработка и направивме и нови планови за иднината.“-вели Ирина Бокова-Генерален директор на УНЕСКО.
Министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, вели дека сите земји треба да го следат примерот на Македонија за позиционирање на културата и културното наследство како приоритет на државата. Според Канческа-Милевска, културата е ресурс кој на секоја држава може да и даде богата економска и социјална благостостојба.
„Имаме заеднички иницијативи многу, многу заеднички проекти, тука ќе го споменам проектот „Замислувајќи го Балканот“, тоа е една прекрасна изложба која што со поддршка на УНЕСКО заеднички ја организиравме, изложбата досега се промовирањсе и во седиштето на УНЕСКО, во Букурешт, Србија, Словенија претходно. Сега во Македонија е поставена во Чифте амам во Скопје, навистина имаше голем интерес за самата изложба и во тој прекрасен наш објект во Чифте амам си доби еден навистина посебен сјај самата изложба. Така да ќе продолжиме со таа наша регионална соработка со почитувањето на сето она што го имаме како вредно наследство, почитувајќи го културниот дијалог, културните различности, бидејќи тоа е наше заедничко богатство.“-рече министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска.
Инаку на конференцијата ќе стане збор и за натамошното развивање на институционалните и професионалните капацитети во регионалните центри, како и за отворањето нови центри, во приоритетните области од заеднички интерес. Во рамките на конференцијата ќе биде постигнат заеднички Договор за поставување на ,,КОМОКОСЕЕ – јакнење на културата во функција на развојот” како најзначајна изворна иницијатива за регионална соработка.
{loadposition content9}