Skip to main content

Министрите Спасовски и Џафај најавија заедничка борба против тероризмот

 Македонскиот министер Спасовски и Џафај неговиот колега од Албанија потпишаа меморандум за  соработка во борбата против тероризмот. Разговараа и за други   заеднички проекти со  кои уште повеќе ќе ги зацврстуваат воспоставените  добрососедски односи. Иницијативите за кои има согласност од двете страни ќе служат за подобар проток на луѓе и стоки меѓу двете соседни земји.  

 |  Валентина Неловска  | 

Оливер Спасовски и Фатмир Џафај, министрите за внатрешни работи на РМ и РА, од Охрид, испратија порака за борба против тероризмот, трговијата со дрога, оружје и луѓе. Министрите потпишаа меморандум за соработка во борбата против тероризмот и со тоа најавија заедничка борба против тероризмот како глобална закана.

Едногласно договорија и идни заеднички проекти со кои уште повеќе ќе ги зацврстуваат воспоставените добрососедски односи.

„Во најскоро време да започнеме да преговараме и да го ревидираме договорот за заедничкиот контакт центар за политичка соработка и при тоа да ги вклучиме и царинските управи од двете држави. Тоа ќе допринесе да олесни протокот на луѓе и на стоки меѓу РМ И Р Албанија“, изјави Спасовски.

Немаме нити едно прашање за кое имаме спортиставено мислење. За сите прашања имаме заеднички став, изјави Фатмир Џафај албанскиот министер за внатрешни работи, по потпишувањето на Меморандумот за борба против тероризмот.

„Некои од иницијативите за кои се договараме и сме согласни се дека ќе служат за полесен и подобар пристап на луѓе, стоки и услуги меѓу двете земји и ќе служат за подобрување на бизнис заедницата на двете наши земји. Но, ќе нудиме и повеќе безбедност и спокој во нашиот регион“, рече Џафај министерот за внатрешни работи на РА.
Спасовски и Џафај разговараа и за формирање на регионален центар за полициска соработка за земјите од Западен Балкан, подготовка на заеднички проекти меѓу двете министерства за аплицирање за прекугранична соработка со пари од Европската унија, како и за формирање на групи на оперативно ниво за средби и соработки на двете земји.