Мирна новогодишна ноќ
Мирна новогодишна ноќ. Од СВР велат дека најлудата ноќ во Охрид поминала мирно и без никакви инциденти. Од МВР пак информираат дека во Охрид едно лице било повредено со нож, но објаснуваат дека случајот бил изолиран и дека нема никаква поврзаност со прославувањето на новата година.
Новогодишната ноќ мина мирно, без никакви инциденти, велат од СВР Охрид. Оваа информација ги радува сите бидејќи за празнициве во градов има многу домашни, но и странски гости, па можноста за инциденти е многу поголема од вообичаено.
На безбедносен план новогодишната ноќ во Охрид помина беспрекорно. Не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир и не се евидентирани сообраќајни незгоди. Нашите службеници практично и да немаа работа оваа ноќ бидејќи се беше мирно, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Но, и покрај информациите од СВР Охрид дека новогодишната ноќ во Охрид минала без нарушувања на јавниот ред и мир, од МВР информираат дека во Охрид едно лице било повредено со нож. Инцидентот се случил околу 2 часот во кругот на основното училиште „Братство и Единство“, лоцирано на улицата „7-ми Ноември“, кога непознато лице со остар предмет му нанело повреда на 20-годишно момче од Охрид, во пределот на слабината, рана околу 7-8 см. Истиот е задржан на лекување во охридската Општа болница.
Овој инцидент нема никаква поврзаност со новогодишната ноќ. Станува збор за изолиран случај и се работи на негово расчистување, вели Димоски.
Од СВР велат дека и останатите празнични денови нивните екипи постојано ќе се на терен грижејќи се за безбедноста на граѓаните, но апелираат тие да се придржуваат кон правилата и да не го нарушуваат јавниот ред и мир.