Мислителите од „Братство“ најдобри во светот
Паметни мислители од основното училиште „Братство Единство“ најдобри на конкурсот на најголемиот образовен портал во светот „Think life“.
Паметните мислители од основното училиште „Братство Единство“ покажаа дека се најдобри на конкурсот на најголемиот образовен портал во светот „Think life“. Тим од четири ученици под менторство на професор Марија Пупиноска Гогова освоија прво место, во силна конуренција од 5600 проекти од училишта од цел свет, на проектот „Промени ги навиките, штеди енергија“. Задоволството од успехот е видливо на насмеаните лица на учениците Владо Војданоски, Ангела Јорданоска, Моника Донеска и Ангела Петреска. Овие вредни и трудољубиви ученици велат дека за нив оваа победа е големо достигнување и многу им значи што победија на светско ниво.
„Многу се израдував кога видов на портaлот дека сме први и дека стои името на нашата земја Македонија. Учеството во проектот не беше тешко, затоа што работевме со задоволство. Добро владееме со англискиот јазик и немавме потешкотии. Вложивме огромен труд и дадовме се од себе,“ вели Владо Војданоски, ученик од 6 одделение.
Учениците работеле на проектот „Промени ги навиките штеди енергија“ преку цела година , но поинтензивно биле ангажирани последните 4 месеци. Во изработката на проектот покрај учениците и професорката Пупинсока Гогова биле вклучени и голем број наставници и вработени во училиштето Братство Единство.
„Покажавме дека може со минимум средства без да се вложи средства во заштеда на енергија, во изградба на некои обновливи извори на енергија, едноставно да се подигне нивото на свест кај децата и вработените, да се прошири на локалната средина и да се почне од наједноставна активност, но да се придонесе во заштедата на енергијата“, раскажува професор Марија Пупиноска Гогова. Направиле и пилот проект кој што ќе го спроведат во нивното училиште со учениците од сите три националности.
Малите мислители од ова училиште освоија неколку вредни награди. Секој ученик и професорката доби лап топ компјутер, 5000 долари награда за училиштето. Сепак, најмногу се радуваат на патувањето во САД, за кое се подготвуваат да отпатуваат на 5 дена за да учествуваат на манифестацијата на „Think life“ што ќе се одржи во Сан Франциско. Учениците ќе патуваат со професорката и во придружба со по еден родител.
{loadposition content9}