Митрески-На Галичица да се направи пункт за одржување на патиштата
Патните правци кои водат низ НП „Галичица“ имаат тешки услови за оддржување, не само во зимскиот период туку и во лето. Раководителот на ЈП „Македонија Пат“, секција Охрид, Јован Митрески, смета дека на овој највисок и во последно време се позначаен превој треба да се изгради пункт за одржување на патишта.
На НП „Галичица“ се налага потреба од изградба на пункт за одржување на патиштата. Тука се наоѓа највисокиот патен премин во Македонија на 1600 метри надморска височина. Територијата на патот опфаќа две општини, Охрид и Ресен. Во границите на паркот има 18 села, од кои 14 на охридска територија и 4 на ресенска. Од ЈП „Македонија пат“, Јован Митрески, раководителот на секцијата Охрид, признава дека условите за одржување на овој патен правец се исклучително тешки не само за зимското оддржување туку и воопшто.
„Изобилува со мошне стрмни и несигурни делови од патот, нормално проектантите своевремено кога го граделе патот предвидувале за оптег на сообраќај со смален капацитет,но сега како што се зголемува потребата од странски туристи и имаме притисок на тој патен правец“.
Митрески нагласи дека овој патен правец и во летниот период не е прооден за одредени моторни возила, автобуси и сл. Додава дека досега никој од надлежните не размислувал и не се интертесирал за негов третман.
„Значи единствено дозволено е движење на возила, потешки од 3,5 тони не смеат да се движат таму, или возила со приколки, забранет сообраќај преку цела година. Што значи дека тоа потврдува дека патниот правец што е на таа страна е мошне сложен и несигурен, но за оној капацитет на возила за кој е своевремено правен бил добар, но сега денеска имаме посовремени и побрзи возила и ќе мора да се селектира а селекцијата ја вршат сообраќајните знаци што се поставени таму“.
Како што и е добро познато на охридската јавност и пошироко, изградбата на модерен зимски рекреативно–туристички скијачки центар со жичарница беше еден од главните адути на речиси сите градоначалници во нивните изборни кампањи, за што наводно имало интерес за странски инвестиции дури и од познати светски скијачки имиња од регионов. До сега се уште нема ништо од реализацијата на овие замисли. Охрид и Галичица се уште чекаат на основни услови за развој на зимските спортови, за што факт е дека има огромен потенцијал.
{loadposition content9}