Младеновска: Со срце за постарите, со визија за достоинствен живот
Со срце за постарите, со визија за достоинствен живот, порачува Марија Младеновска, носителка на независна листа на кандидати за советници која на локалните избори настапува под број 34. Младеновска својата програма ја темели на подобрување на условите за живот на сите генерации, но со посебен фокус на повозрасните. Порачува дека сите треба да дадат свој придонес за поголема грижа за градот, за животната средина и за меѓусебна поддршка на луѓето.
„ Јас сум пензионерка, немаме Дом за стари лица. Ветуван ни е со години, децении. Секој градоначалник во секоја кампања ветувал старски дом , но ништо нема на дело.“ – вели Младеновска, која е просветен работник во пензија, основач на првата еколошка организација „Јагода“ и волонтер во Црвен крст Охрид во програмата за грижа за стари лица „Најди време“,
Младеновска вели дека ќе се залага за социјална грижа и поддршка на старите лица, за изградба на Дом за стари лица со прифатливи цени според категоријата на пензии, отворање на дневни и групни центри за стари лица во Охрид и околните населби, советувалишта за психо-социјална поддршка на осамени лица, помош во домашни услови, топол оброк за стари лица во ризик, здравствена грижа за постарите лица во руралните и одалечените подрачја, поттикнување на меѓугенерациска соработка, роднинска, соседска и волонтерска, вклучување на пензионерите во јавен и културен живот преку локални клубови и проекти, промоција на активно стареење.
Значаен дел од програмата на кандидатската листа чија носителка е Младеновска се однесува на животната средина и подобрување на условите за живеење.
„ Премногу има пловни објекти во езерото, не знам како се издават тие дозволи, што го загадуваат и би требало да се размислува да се премине на алтернативен погон како електрична енергија или соларна. Понатаму мислам дека не водиме доволно грижа за езерото, повеќе вода се испушта за хидроцентрали. За екологијата имам забелешки што има премалку зелени површини, премногу се гради, се уништуваат паркови, пример е хотелот во Горица каде се исекоа борови со години стари. Имаме многу згради за кои нема инфраструктура, нема канализација. Имам замерка за загадениот воздух, посебно во зимскиот период кога сите користиме разни горива за загревање. Во иднина би сакала, кој и да биде градоначалник, да се направи централно греење.“ – вели Младеновска.
Посочува дека градот урбанистички треба да биде похуман, попријатен за секојдневно функционирање на жителите.
„Сите тротоари се зафатени со автомобили, не можат да се движат мајки со деца, ниту ние старите лица. Наместо автомобили на тротоарите треба да се направат клупи барем на пофрекфентните улици на секои 500 метри за да може да се одмориме. Предлагам , со цел да се олесни животот за сите нас во Охрид, еднаш неделно да имаме бесплатен превоз, не само пензионерите туку за сите граѓани.“ – вели Младеновска.
Младеновска додава дека охриѓани треба да гласаат за неа затоа што во Советот ќе дава поддршка на она што е во интерес на сите граѓани и ќе биде отворена за нивните предлози и иницијативи.