Младите во Охрид бараат сигурни работни места, подобри плати и поголема поддршка за развој на сопствен бизнис

Во Охрид постои потенцијал кај младите, но недостигаат конкретни програми и системска поддршка за нивен развој. Потребна е стратегија за охрабрување на идните потенцијални претприемачи. Според активистите од една страна младите треба да бидат похрабри, поактивни и погласни во реализација на своите идеи, а институциите од друга страна, да создадат услови за нивен развој и економска независност.
„Ќе кажам една метафора за Охрид и младите во Охрид. Има поддршка од аспект дека има сцена, меѓутоа буџет, сценарио и реализација на претставата нема. Треба структурни реформи и програми кои треба да се реализираат во Општина Охрид за развој на младите и младинските бизниси.” – вели Вахид Мемед, активист.
Како еден од клучните сегменти за напредок, Мемед го посочува неформалното образование преку обуки, работилници, каде младите стекнуваат практични вештини и контакти потребни за реализација на бизнис идеи.

Тој предупредува дека туризмот, иако е главна економска гранка во Охрид, не нуди долгорочна сигурност за младите.
„Во суштина ќе кажам дека за младите нема 12 месечен континуитет од аспект на туризмот и тука се јавува проблемот. Младите можат да се вработат, но тоа е три месечно и несигурно вработување со не така голема плата. Туризмот е бенефит за Охрид, но од друга страна е и проклетство за младите, затоа што функционира само три месеци наместо 12 месеци.”– вели Мемед.
Младите во Охрид имаат идеи и потенцијал, но очекуваат поголема институционална поддршка, стабилни работни места и услови за економска независност. Без долгорочни политики за развој, сезонската економија и несигурноста остануваат главен предизвик за нивната иднина во градот.







