Младите и претприемништвото
Претприемништвото претставува иновирање, финансирање и реализирање на бизнис идеи, со цел поекономично произведување економски добра. Секој млад човек треба да има барем едно практично претприемничко искуство пред да го напушти училиштето. Деновиве во УИНТ „Св Апостол Павле“ се одржува конференцијата „Партнерство за подобро образование во Европа и Евроазија“, во организација на Џуниор Ачивмент Македонија. Настанот има за цел да го привлече вниманието на јавноста во нашата земја за важноста на претприемничкото образование.
„Ова е една идеална програма за да тие се подготват , работите да им поминат низ свои раце, за да се стекнат со претприменички вештини, комуникациски и презенатациски вештини. Токму оние кампови за иновиации на кампови за најдобар бизнис план, се место каде може да научат повеќе, но и да генерираат нови бизнис идеи“ – кажа Љупка Панческа – извршен директор на Џуниор Ачивмент Македонија.
Ракувањето со парите во самата ученичка компанија е многу важно, а наставниците и професорите сертифицирани од Џунирор Ачивмент Македонија им помагаат на учениците претприемачи, во перидот од септември до јуни, сами да ги водат ученичките компании. А, токму околу делот за финансиите на нашите млади луѓе најмногу им е потребна наобразба.
„Најмногу ни треба образование, и тоа треба да се случи дури во основното образование, во делот на финансиско описменување. Воопшто, една финансиска едукација или се она што значи конструкција на бизнис планот, во делот на раководење и ракување со пари навреме“ – објасни Љупка Панческа – извршен директор на Џуниор Ачивмент Македонија.
Во рамките на конференцијата во ОСУ „Св. Климент Охридски“ беа презентирани бизнис идеи од страна на дел од средношколците. Конференцијата спои претставници од Џуниор Ачивмент организации од Албанија, Бугарија, Грузија, Молдавија, Романија, Србија и ЏА Европа со цел понатамошно зајакнување на нашата регионална соработка во областа на претприемничкото образование. Но, можеме со гордост да се пофалиме дека наши млади претприемачи, станале успешни бизнис приказни во светот од кои и тоа како можеме да учиме.
„Најдобар резултат за тоа се компаниите оформени од наши студенти. Успешни приказни, како во Охрид, Струга, Скопје, Битола и регионов, меѓутоа и во светот. Имаме претставници, наши дипломци, магистранти, кои имаат сопствени компании во САД, Јапонија, и успешно работат во светските компании, меѓутоа оформиле и своја приказна“ – посочи Проф.Д-р. Устијана Речкоска – Шикоска – Проректор УИНТ „Св. Апостол Павле“.
Деновиве преку панел дискусии, претставници од регионалните канцеларии на Џуниор Ачивмент и УСАИД, заедно со претставници од образовни институции, невладини организации и наставен кадар, дискутираа за важноста на претприемничкото образование за успех во глобалната економија, за зајакнување на вештините и компетенциите на младите, како и важноста од промени, модернизација и следењето на најновите трендови во образованието. Конференцијата се организира во рамки на Проектот на УСАИД за поддршка на претприемничко учење во Југоисточна Европа и Евроазија, имплементиран од Џуниор Ачивмент Македонија.