Skip to main content

Унеско

Младите коректор на загрозениот Унеско статус

Иднината на Унеско статусот е во рацете на младите охриѓани. Тие се иден коректор на штетните политики кон заштитеното културно и природно наследство. Стекнуваат свесност и менаџерски дух како да се справат со проблемите во иднина.
 |  Валентина Неловска  | 
младиte ученици

Охридски средношколци стануваат свесни за ризик факторите кои го загрозуваат регионот под заштита на Унеско. Младите зедоа активно учество на завршниот проект „Поддршка на иницијативи предводени од млади за заштита и одржлив развој на Светското наследство на УНЕСКО Охридско Езеро“. Шестмесечниот проект го реализира Центарот за ресурси во животната средина со поддршка на Националната комисија за УНЕСКО при Министерството за култура. Целта на проектот е подобрување на свеста и знаењето на средношколците да ги детектираат, прифатат и заштитат природните и културните добра на Охридскиот регион. Се одржаа работилници во кои учествуваа ученички тимови од четири средношколски образовни центри од Охрид. Се работеше на теми како што се еколошките проблеми со дивите депонии, загадувањето на водата за пиење и езерото, воздухот, спомениците. Искрено не бевме свесни за овие проблеми и нашата улога во понатамошнта заштита на културните и природните вредности кои не опкружуваат, сподели Наталија Савеска, претставник на тимот средношколци од ОСУ Св Климент Охридски.


„Досега немавме слични проекти и не бевме запознаети колку би можеле штетноста на депониите и другите проблеми кои ги имаме во Охрид. Но како граѓани,особено како ученци, ние сме малолетни и немаме многу права, но би се потрудиле свесно да се обратиме кон ЈП за овие проблеми и да постапат, а ние за создавање на нови проекти со кои ќе се спречат овие проблеми“ – рече Савеска.

Горан Патчев,од охридскиот Завод и Музеј е пријатно изненаден од размислувањата и ставот на средношколците во заштитата на културното и природното наследство. Развиваат тимско работење и менаџерски дух за справување со проблемите. Патчев укажува на потребата да се вгради свесноста за заштита на вредностите на Охридскиот регион во образовниот систем.

„Принципот на интрегрирана заштита треба да навлезе во секоја пора од општествениот живот, а една од алките е образовниот систем и младите.Од најмала возраст треба да се развие свесноста за заштита, а понатака да се соочуваат со проблемите и предизвиците во понатамошната работа“ – кажа Патчев.

Неконтролираната урбанизација и експлоатација на природни ресурси, недоволно систематското управување со заштитеното подрачје на Охридскиот регион и Езеро го загрозуваат статусот на локалитет под заштита на УНЕСКО. Центарот за ресурси во животната средина ја посочува младината како иден двигател на одржливиот развој, заштитата и унапредувањето на природните и културни вредности на заштитениот статус по Унеско на Охридскиот регион.
Во проектот биле вклучени средните училишта ОСУ „Св.Климент Охридски“, ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“, ОУТУ „Ванчо Питошески“ и СОСУ „Св.Кирил и Методиј“.