Skip to main content

Младите не ја знаат доволно сопствената историја

Младите немаат доволно знаења за важните настани, државните празници, македонските револуционери, луѓето кои ги дале животите за денес ние да имаме слободна држава. Мал е бројот на оние кои се интересираат за сопствената историја, но тоа не е доволно за да се шири македонскиот дух, вели професорот Михаил Патчев. Учениците учат за оценка, а не тоа да стане дел од нивното сеќавање, идентитет и свест за припадност кон нацијата.
 |  инфодеск  | 

Младите не ја знаат доволно сопствената историја. Мал е бројот на ученици коишто покажуваат посебен интерес за историјата, сакаат да ја проучуваат и бараат дополнителна литература, но тој број не е доволен за да се шири македонскиот дух меѓу младината, вели професорот Михаил Патчев.

„ Целиот проблем не е во општо непознавање, туку во незаинтересираноста. Доколку некој не знае, не е проблем, ќе научи. Најстрашно е што денешниве деца, конкретно јас можам да зборувам за мојот предмет, за историјата, гледаат како предмет кој треба да се научи само за оценка, меѓутоа не да се поврзуваат работите, не тоа да стане дел од нивното сеќавање, да имаат една општа култура. Не можеме ние да очекуваме сите ученици дека ќе станат историчари или дека ќе треба перфектно да ја знаат историјата , но барем за македонската историја треба да се поводи сметка да имаат едни општи познавања.“ – вели Михаил Патчев, професор по историја.

Патчев смета дека години наназад не било ставано доволно акцент на македонската историја. Тоа заедно со други причини кои довеле до ваквата состојба треба да се земат сериозно во предвид затоа што незаинтересираноста за историјата се одразува врз самото општество. Во време кога историјата на македонскиот народ е дирекно оспорена од соседите и интеграцијата на земјата во Еу е условена со ревизија на националната историја, треба да се води сметка изучувањето на историјата да биде на едно повисоко ниво.

„Во последно време се повеќе од сите страни гледаме дека сме притиснати, притисоци имаме и од соседите. Тука мислам дека е една од причините кај самите ученици што се губи желбата и најлошо од се е тоашто политиката кај граѓаните создава едно мислење дека историјата е минлива работа, дека се менува, дека секој како што сака може да ја пишува. Реалноста не е таква, меѓутоа тоа е така ако историчар ја разгледува оваа тематика. Од гледна точка на обичен граѓанин навистина се создава таква слика за целата историска наука, што мислам дека доколку не се спречи тоа ќе оди во една погрешна насока, а тоа не му оди во прилог никому.“ – вели Патчев.

Предметот историја претставува фундамент на македонскиот образовен систем преку кој се гради идентитетот на учениците, а преку тоа и свеста за припадност кон нацијата и за почит кон другите народи и култури. Не смееме да си дозволиме младите, но и возрасните, да не си ги знаеме државните празници, што претставуваат и зошто ги славиме, да не ги знаеме македонските револуционери, луѓето коишто ги дале животите за ние денеска да имаме слободна држава, категоричен е Патчев.