Skip to main content

Оемуц свети наум охридски

Младите не сакаат да учат занает

Со години наназад во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ не е запишан ученик во трет степен средно образование за занимања како електромеханичар, металостругар, металоглодач. Со новите наставни програми во Центарот има интересни занимања со трет степен како сервисер за клима уреди, одржувач на мрежни системи и друго, но нема интерес кај учениците. Недостатокот од кадар од овие профили се чувствува и во градот и во државата.
 |  инфодеск  | 
Оемуц

На пазарот на труд има недостаток од мајстори за монтажа и одржување на електронски системи, уреди и опрема, за сервисирање на TV и радио опрема како и одредени занимања од металската струка. За овие занимања нема интерес кај учениците за што говори податокот дека 10 години во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ не е запишан ученик во трет степен средно образование во овие профили, посочува директорот на училишниот центар, Сашо Недески.

Интересот е многу слаб од моментот кога законски средното образование стана задолжително повеќето и ученици и родители сакаат децата да завршат четврт степен техничар за да можат полесно да се вработат пред се во државни институции, јавни претпријатија, бидејќи таму се бара четврт степен – истакна Недески.

Сашо Недески

Во минатото имаше природна селекција кои ученици можат да се запишат за техничар, а кои во трет степен, односно според постигнатиот успех во училиштето во прва и втора година, понатаму се делеа учениците по профили при што тие со многу добар и одличен успех се запишуваа во 4 степен. Селекцијата, според Недески треба да се прави во ОЕМУЦ, бидејќи имаат случаи ученици со одличен успех од основно да се запишат во центарот за потоа едвај да ја завршат прва година со доволен или добар успех. 

Мое мислење е прва година да ја завршат во саканата струка и според постигнатиот успех на крајот од првата година ако се со добар или доволен успех да се запишат во занимања, а мн добрите и одличните ученици да продолжат за техничари. На тој начин би добиле некоја задоволителна бројка и во профилите од трет степен за кои и самата држава и градот чувствуваме дека имаме дефицит – вели Недески.

Оемуц

Со новите наставни програми има интересни занимања со трет степен како сервисер за клима уреди, одржувач на мрежни системи и слично, но мора да се најде начин да се побуди интересот кај учениците за ваквите профили, вели Недески.

твм.мк