Skip to main content

Младите се почесто го избираат велосипедот како превозно средство низ градот

Oпштина Охрид денeс со велoсипeдско дефиле го одбележа Денот без автомобили во рамките на Европската недела на мобилност. За учесниците на дефилето беа обезбедени и  вредни награди, а главната награда беше велосипед. 

 |  Валентина Неловска  | 

Голем број на учесници меѓу кои граѓани и ученици, денес зедоа активно учество во велосипедското дефиле што се одржа низ градските улици. Младите луѓе се почесто избираат да возат велосипед низ градот, а со тоа покажуваат дека се пријателски расположени кон животната средина, а мислат и на своето здравје.

Организатор на дефилето е општина Охрид, вклучувајќи се и оваа година во одбележување на Ден без автомобили во рамките на Европската недела на мобилност. Во велосипедското дефиле учество зеде и Ристо Николески, заменикот градоначалник на Охрид. Открива дека вози велосипед често кога нема обврски при разнесување на децата на училиште и во градинка. Вели дека од мали нозе ги мотивира и своите деца да возат велосипед. Напоменува дека градот нуди идеални услови за возење велосипед, а признава дека инфраструктурата за возење велосипед низ градските улици може да биде и подобра. Препорачува на сограѓните што почесто да го избираат превозното средство на две тркала.

„ Во секојдневниот живот давам предност на велосипедот. Охрид е градот на сонцето со многу сончеви денови и може да се користи велосипед. Корисно е по здравјето , а истовремено е корисно и во обавување на секојдневните обврски при пазарање, плаќање сметки и доаѓање на работа, се е полесно да се обави со велосипед. Градот е мал и брзо се стигнува од едно место до друго“, вели Николески.

За сите учесници на дефилето општината додели вредни награди. Покрај заштитните кациги за велосипеди, ролери , за најсреќниот учесник на јавното извлекување главната награда беше велосипед.