Skip to main content

МЛД: Македонските инфектолози се годинешните добитници на Специјална награда

Тие една година  неуморно се грижат за спасување на секој позитивен ковид пациент и се во првата борбена линија против пандемијата со  ковид 19.  Република Македонија денеска го одбележува Светскиот ден на здравјето – 7 април.

 |  Валентина Неловска  | 

Лекарите инфектолози од земјава се добитници на годинешната Специјална награда од Македонското лекарско друштво која ја доделува по повод 7 април Светскиот ден на здравјето. Секој поединец од Македонското здружение на инфектолози е столбот во борбата портив ковид 19 и е добитник на наградата, стои во соопштението на Македонското лекарско друштво. Во тие редови се и охридските инфектолози од ЈЗУ Општа болница.
Инфектологот, д-р Светлана Попоска Алексијоска, е дел од Македонските здравствени херои кои една година се во секојдневна борба со вирусот. На денот кога се одбележува светскиот ден на здравјето, а во замав е третиот бран на пандемијата и се полнат болничките капацитети со ковид пациенти, д-р Попоска Алексијоска упатуваа порака до граѓаните.

Моја препорака е особено до младите да не се движат во затворен простор со повеќе лица, да го негуваат своето здравје да одржуваат хигиена, да носат заштитни маски и да ја почитуваат изолацијата“.

Покрај инфектолозите во борбата со пандемијата во охридскиот ковид центар се вклучени и другите специјалисти лекари и медицински лица. Од почетокот на пандемијата до денес во охридската болница биле лекувани над 1100 ковид позитивни пациенти. Меѓу здравствените работници кои се вклучени во лекувањето на овие пациенти е и специјалистот пулмолог д-р Билјана Танасоска.

Здравјето е од непроценливо значење. Чувајте се Вие и вашето семејство. Почитувајте ги правилата и издржете, верувам дека заедно ќе се избориме“.



По повод светскиот ден на здравјето честитка за Светскиот ден на здравјето упатија и од ЈЗУ Општа Болница.

„Грижете се за себе, бидете здрави и секогаш верувајте дека може да бидете успешни во она што навистина го посакувате, бидејќи здравите граѓани се најголемото богатство што може да го има секоја земја“.

Константин Георгиески, охридскиот градоначалник, од свое име и од општина Охрид, по повод 7 април Светскиот ден на здравјето, исто така, упати честитка до сите здравствени работници. Им посака добро здравје, сила и истрајност со желби за многу успеси и подобри услови за работа.

„ Во најголемиот здравствен предизвик во историјата на човештвото Вие покажавте дека здравствените работници се нашите херои. Преку својот неуморен хуман ангажман, повеќе од една година го ставате на располагање целокупниот човечки и професионален капацитет и затоа заслужувате највисоко вредување и почит. Вие сте најсилниот столб на нашиот здравствен систем и најважната алка во здравствената заштита“, стои во честитката.