Мнозинството во градскиот Совет повторно изгласа измени на Планот за вработување во општина Охрид за 2025 год
На последната, 57-ма седница на Совет повторно од страна на мнозинството беа одобрени измени на годишниот план за вработување во општина Охрид за 2025 гдоина. Советниците од опозицијата реагираа на носењето на измените и побараа објаснување за оправданоста од нови вработувања, посебно пред локални избори кои треба да се одржат наесен.

„Зошто се вршат повторно измени во планот за вработување и кое е оправданието на 252 вработени да барате нови 15 вработувања, а претходно наведов за тешката состојба во која се наоѓаат јавните претпријатија, дополнителните финансиски средства кои ги извојувате за нив, и навистина не знам зошто сега пред избори се прават измени на планот. Сигурна сум дека тие нови вработувања со 252 вработени не ви требаат.“ – кажа Живка Ангелоска, координаторка на СДСМ и коалицијата.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески посочи дека не станува збор за 15 нови вработувања со измени на планот. Односно тие 15 работни позиции ги содржат и претходните 13 кои што биле предвидени и дополнување со само две работни места, објаснуваше Китески.

„Првото е самостоен референт на административно техничка поддршка. Ова работно место беше во планот за 2024 година и во декември истата година беше отпочната постапка со јавен оглас. Но, таа постапка заврши по донесување на измените претходно што ги правевме и немаше кандидат кој ги исполнува условите. И тој оглас за тоа работно место не се реализира. Се стави сега, зошто траеше уште постапката и не можевме да го ставиме во претходните измени. По однос на второто работно место, раководител на Одделение за соработка со УНЕСКО даваме можност да може без разлика што е јавен оглас да се пријават и луѓе кои се вработени во Општина Охрид, не биле унапредени, а имаат положено испит за админитративно управување.“ – кажа Китески.
Точно е дека имаме 252 вработени, рече Китески, но посочи дека како нова локална власт пред 4 години затекнале 263. Инаку, локалната власт минатата година со нов акт за систематизација на работните места искажа намера за редуцирање на работните места во општинската администрација.