Skip to main content

Совет Општина Охрид

Мнозинството во советот не го прифати барањето на опозицијата да се одложат легализациите на дивоградби за по изборите

На денешната седница на Совет беа усвоени сите точки на дневниот ред меѓу кои и 20 легализации на бесправно изградени објекти. Опозицијата бараше легализациите да бидат одложени за после изборите, што не беше прифатено од мнозинството.
 |  Маја Савиќ  | 

На денешната 39та седница на Совет градските избраници ги усвоија сите точки на обемниот дневен ред. Зелено светло добија извештаите за реализација на годишните и развојните програми на локалната за 2023 година, извештаите за работењето на јавните претпријатија и основните и средните училишта за минатата година, а поминаа и 20 одлуки за легализација на бесправно изгрaдени објекти.

Координаторката  на советничката група на СДСМ и коалицијата побара да бидат повлечени од страна на предлагачот точките за легализација на дивоградбите кои беа на дневниот ред, затоа што се распишани избори и затоа што еден дел од тие објекти се наоѓаат на површина која претставува државна сопственост. Истите легализиации можат да се најдат на дневен ред  веднаш по завршување на изборите, да се расправа и одлучува по нив, истакна Живка Ангелоска.

Дотолку повеќе ова го побарав за Локалната власт да остане доследна сама на себе, да остане доследна на тоа што го зборуваше во 2021 година и го критикуваше, а ние го прифативме. Сега се прашувам ако во 2021 година актуелната локална власт која тогаш беше опозиција легализациите ги наречуваше предизборен поткуп зошто сега реши да им претставуваат пракса и да го прават тоа што го критикуваа, и во интерес на политичка култура беше прифатено тогаш и постапено како што бараа. За жал, очигледно дека ствовите се менуваат зависно од позицијата. – кажа Ангелоска.

Оваа локалната власт вети решавање на легализациите, односно барањата на граѓаните за вклопување бесправно изградени објекти во планска документација од кои дел се поднесени  можеби од 2011 година, и се уште не се решени. Со доаѓањето на новата локална власт предводена од ВМРО ДПМНЕ докажавме дека тие легализации треба да се решат и граѓаните не треба повеќе да чекаат, кажа координаторот на советничката група од позицијата во градскиот совет, Перчо Божиновски.

Се водиме од интересот на граѓаните да ги решиме тие дивоградби, легализации, односно предмети кои ги имаат дадено. И во случајот ги изгласавме на Седница на Совет и не гледам ништо спорно. Штом стигнале како точки на Дневен ред, а поминале низ еден филтер низ општинската администрација, тоа значи дека биле комплетирани сите документи, од правен аспект, од архитектонски, градежен и мислам дека треба да излеземе во пресрет на барањата на граѓаните. Тие точки така ги гледам, не како период на предиизборие и дека треба да се стопираат, туку напоротив што е можно побрзо да се решат и оние останати други кои ги имаме како локална самоуправа.“ – кажа Божиновски.

Според советникот Божиновски леализациите кои и онака се долг процес дополнително се одолговлекува доколку се чека во поглед на предизборие, во услови кога во земајта скоро на секои две години има некакви избори.