За првпат отслужен молебен во чест на Свети Еразмо Охридски во базиликата „Свети Петар“ во Рим

Денеска, во базиликата „Свети Петар“ во Рим, за првпат беше отслужен молебен во чест на Свети Еразмо Охридски, на олтарот посветен на овој светител.
Молитвениот чин го отслужи Неговото Високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение на протојереј-ставрофор Никола Христоски.

На молитвеното чествување присуствуваа г-ѓа Сања Митровска, вршител на должноста во Амбасадата на Република Северна Македонија при Светата Столица, и г-ѓа Магдалена Димова, вршител на должноста во Амбасадата на Република Северна Македонија во Италија, како и вработени во двете дипломатски претставништва и претставници на Дебарско-кичевската митрополија.

Овој молитвен чин, отслужен во еден од најзначајните христијански храмови во светот, претставува значаен духовен настан и посебно чествување на Свети Еразмо Охридски, чие име е длабоко поврзано со христијанското духовно наследство на Охрид и Македонија.




