Мониторинг мисијата на УНЕСКО доаѓа во март
Мониторинг мисијата на УНЕСКО доаѓа во март.
Денес истече рокот кој Комисијата од Унеско и го даде на државата да достави извештај за статусот на заштитените добра и за чекорите преземени за спроведување на препораките кои оваа комисија ги достави до владата. Во јули мината година Комитетот од Унеско за светско наследство упати сериозни забелешки дека во Охридскиот регион се планирани големи инфраструктурни проекти како Ски-центар Галичица, патот А3, Железничкиот коридор VIII и автопатот А2. УНЕСКО смета дека овие проекти може да влијаат врз исклучителната универзална вредност на заштитеното добро. По препораките владата донесе акциски план и задолжи неколку министерства, институции и општини меѓу кои и Охрид да преземат низа активности.
ТВМ Телевизија се обиде да дознае што конкретно задолжените институции презеле. Од Канцелaријата на Унеско во Скопје, Лидија Топузоска кратко не информира дека посетата на мониторинг мисијата од УНЕСКО на Охрид е одложена за 7 до 9 март. Додаде дека денес има состанок со претставници од ресорните министерства и дека по завршување на состанокот ќе не извести за заклучоците. До затварање на дневникот не успеавме да добиеме повратна информација.
Oдговор побаравме и од општина Охрид, прашавме „што конкретно требаше да спроведе Општина Охрид, во кои рокови според планот донесен на седница на влада и колку од тоа е реализирано? Од таму, сувопарен одговор.
„Во однос на вашите прашања, ве известуваме дека Општина Охрид има редовна комуникација со Националната комисија за соработка со УНЕСКО. и сите владини институции. Во таа смисла, Општина Охрид ги достави бараните информации, а се однесуваат на актуелни плански документации кои се во надлежност на општината и статус на проекти кои се во надлежност на владата или други државни институции. “
Од локалната велат уште дека рокот за бараниот извештај е пролонгиран, а ќе биде резултат на координациија со повеќе институции и локални самоуправи.
Поконкретна на оваа тема е директорката на охридскиoт Завод и Музеј,Тања Паскали Бунташеска. Таа кажа дека тие имале задолжение да постапуваат по препораки за Плаошник и нивните обврски биле завршени. Треба да постапат и по планот за интегрирана заштита на старото градско јадро, а за кој напоменува дека е изработен и по добивање на согласност од градоначалникот ќе биде ставен на усвојување пред Управниот одбор во тек на месецов.
„ Ние заедно со општина Охрид го изработивме Планот за интегрирана заштита кој беше обврска според Законот за Охрид. Тој план за интегрирана заштита треба да го проследиме да организираме јавни анкети, да формираме координативно тело и да го официјализираме на некој начин на кој е изработен планот и да се стави во функција“, наведува Паскали Бунташеска.
Александра Бујароска од ЕЗГ „Фронт 24/41 , подвлекува дека граѓанскиот сектор засега нема сознанија како тече спроведување на препораките на Комисијата на Унеско.
„Тие документи не се достапни за јавноста, граѓанскиот сектор и експертската јавност. Очекуваме да ги добиеме меѓу кои и Планот за управување со Охридскиот регион, Стратешката оценка за влијание на животната средина и да се пристапи кон понатамошно дефинирање на иднината на предложените проекти и на развојот на Охридскиот регион“, кажува Бујароска.
Комитетот на Центарот за светско наследство ќе одржи седница на почетокот на јули оваа година, каде што ќе се разгледуваат извештаите на државите членки за состојбата со нивните заштитени добра, меѓу кои и извештајот за Охридскиот регион. Охридскиот регион е впишан во Листата на природно и културно светско наследство на УНЕСКО во 1979 година.