Skip to main content

Монографијата за Јордан Манасијески- подарок кој ќе говори за светиот Охрид и духовните простори по кои трага уметникот

Со промоција на Монографија и хуманитарна изложба, Охрид го одбележа јубилејот, 55 години ликовно творештво на академскиот сликар Јордан Манасијески. Познатиот охридски, македонски и светски уметник е задоволен што неговиот досегашен опус е преточен во монографија која ќе остане како дел од едно време, сведок и подарок кој ќе говори за светиот град и светите простори. Повеќегодишното целокупно творештво и активност на уметникот Манасијески не обврзува како поединци, институции и општество да продолжиме со презентирање и промоција на неговото дело, ќе каже неговиот верен соработник, галеристот Љупчо Жупан.
 |  Маја Савиќ  | 

55 годишниот јубилеј од творештвото на познатиот охридски, македонски и светски уметник, академскиот сликар Јордан Манасијески, неговиот роден град Охрид го одбележа со промоција на капитално дело Монографија посветена на неговото дело од авторот Владимир Величковски.

Ова не е само монографија, таа е духовен манифест, таа е патоказ на идниот спас на човештвото, како што сликарството на Јордан Манасијески ги обединува и ги премостува сите времиња и простори, ќе каже промоторот и историчар на уметност Владо Ѓорески-Рафик.

Јордан не создава, тој го толкува светот, ја бара визијата на божјето сликарство, се доближува до есенцијата на постоењето, кое не можеме и не сакаме да го прифатиме заради нашиот проклет конформизам, истрошен. Ова е аскетизам. Ова се слики кои се молитви упатени до сите ѕвезди во нас и над нас, вели Ѓорески-Рафик

Манасијески е задоволен што неговиот досегашен опус е преточен во монографија која ќе остане како дел од едно време, сведок и подарок за идните генерации, кој ќе говори за светиот град и светите простори.

„ Уметничкиот опус всушност во почетокот беше да јас осознавам нешта од околината од материјалниот свет , направив повеќе дела од тој опус , но понатака почувствував дека покрај овој наш материјален свет се крие нешто друго, поголемо , да го наречам тајна порака за некои нови простори , така на некој начин по некоја неслучајност, јас мислам нужност, ја направив првата слика од тој опус на духовната уметност. Тој опус од духовната уметност после се развиваше и успеав некако упорно да направам повеќе слики , и мали и големи, помогнат од мои пријатели кои ми даваа потстрек да продолжам , им се допаѓаа. Јас продолжив се додека не влегов во галеријата Букефал кај Љупчо Жупан. “ – вели Манасијески.

Соработката на Манасијески и Жупан може да се нарече и судбинска. Галеристот ќе каже дека тоа што го видел и доживеал во ателјето на Јордан, не го доживеал во ниту едно друго место предходно.

„ Јас како галерист соработувам со многу автори, од Македонија посебно, но почетоците на работа со Јордан Манасијески внесоа една нова фаза во моето работење. Запознавајќи се подлабоко со неговото сликарство, во консултација со повеќе мои колеги од Европа и комисии од Есенскиот салон и други уметнички салони, одлучено е да неговите слики бидат изложувани на тие престижни салони врз основа на стилот којшто го работи тој и пораките што излегуваат од неговите слики дека такво нешто дотогаш во тие салони не е поминато.– вели Љупчо Жупан – Галерија Букефал.

Промоцијата низ светските уметнички салони започнува со изложувањето на сликата „Патот кон величествената порта“ на Есенскиот салон во Париз, која што беше номинирана за Гран при награда во конкуренција од 600 светски уметници. По одличните реакции од критичарите дека сликарството на Мансијески е посебно се редеа покани за негови изложби, се присетува Жупан.

„ Знаците дека неговите слики беа забележани од уметничката критика, од салоните во Чикаго, Њу Јорк, Фиренца, Париз, Токио ни се знак дека неговото сликарство е приметено и дека можеме да бидеме радосни што од овај град, од базата на цивилизацијата, од Охрид имаме еден сликар којшто ги освојува светските уметнички текови, односно го трасира патот на новата современа уметност. Тоа е изјава на италијанскиот критичар Салваторе Русо којшто ја има искажано таа реченица врз основа на увидувањето во делата на Јордан Мансијески. “ – посочува Жупан.

Манасијески твори неуморно, постојано и љубопитно е во потрага по тајни пораки за некои нови духовни простори. После секоја слика чувствувам радост, вели уметникот.

„Знаејќи дека материјалниот свет е променлив јас се предадов благородно на духовната уметност и видов дека таа е бескрајна и творецот кој навлегол во тие простори бескрајно дури е жив може да твори и да ги осознава тие простори, тие мали порти на небесните тајни.“ – вели Манасијески.

Повеќегодишното целокупно творештво и активност на уметникот Јордан Манасијески не обврзува како поединци, институции и општество да продолжиме со презентирање и промоција на неговото дело, а идејата за основање на институт за анализа на неговото сликарство е веќе започната, што е предвесник на идејата за музејски простор, во кој би се имало преглед на целокупното негово творештво, најавува Жупан.

Монографијата на Јордан Мансијески е богато и луксузно издание со тврд повез на околу 500 страни на Македонски и Англиски јазик со речиси 300 репродукции. Промоцијата на монографијата во Охрид имаше и хуманитарен карактер. Дел од собраните средства од продажба на графики ќе се донираат за поддршка на настраданите во Кочани. Претходно беше промовирана во МАНУ во Скопје и во Битола. Примероци од Монографијата ќе се најдат во светски центри за уметност како Конгресната библиотека во Вашингтон, Библиотеката во Ватикан, Тејт музејот во Лондон и други.

Мансијески е добитник на награди од повеќе уметнички центри, меѓу кои интернационалната „Микеланџело“, наградата од жири комисијата на биеналето на нациите во Венеција, од Јапонската асоцијација на современа уметност. На својата жива легенда и најголем уметнички амбасадор во светот, градот Охрид оддаде признание со доделување на највисоката општинска награда „Св. Климент Охридски- патрон на градот Охрид“ за 2014 година.