Мозаичната мапа на Охрид и Лихнид, која уметникот Никола Упевче ја работи скоро 15 години, конечно ќе биде изложена
Мозаичната мапа на градот Охрид и Лихнид, дело на уметникот Никола Упевче, подарок за градот, конечно ќе биде изложена пред јавноста. Изработена во древна техника со личен артистички печат на академскиот сликар, реставратор и конзерватор, мозаичната мапа, според желбата на Упевче, треба да ги краси кулите пред болничките цркви кај Долна порта, како еден симболичен влез во стариот град. Во неа се вложени 15 години од животот, емоциите и интелектот на уметникот.

–Многу љубов, многу средства. Јас не можев да ја завршам многу брзо затоа што бев вклучен и во многу конзерваторско – реставраторски проекти, разни други проекти кои ги работев секаде по светот и ова е една љубов која тлееше во мене и сакав да ја реализирам па сега еве конечно да го види светлото на денот, вели Никола Упевче.

Монументалниот мозаик со димензии 3м на 2,5 метри претставува слика на градот гледан од две перспективи: птичја за да се претстават сите улички и градби во стариот град и жабја која ги истакнува определени важни места за историјата на Охрид, културни споменици и локалитети. Мозаикот е еден вид и карта на закопано богатство бидејќи содржи ознаки и за археолошките слоеви на древниот Лихнид. Таа е верна, сразмерна копија на градот која фасцинира со својата рељефност, тридимензионалност, богатство на бои и рефлексии постигнати со микро камчиња и стакленца донесени од Италија.
–Тоа е една комбинација од природни камења, исто така едни венецијански камења, една специјална фабрика која изработува стакленца во разни нијанси кои ги нема во природата, меѓутоа јас ги употребувам за да го добијам тој колорит кој е богат во Охрид и сакам да го претставам на едно уметничко дело, вели Упевче.
Во месец ноември Упевче изврши замена на подлогата на мапата, односно од стиродур мапата сега е на основа од специјални панели од алуминиумско саќе за да може да биде изложена. Финалните доработки Упевче ги врешеше во изложбениот простор на Куќата на Робевци, со поддршка на НУ Завод и музеј, како атеље или една отворена работилница која ја посетија голем број граѓани и туристи.



Мозаикот досега е презентиран на 13-та Конференција на Интернационалниот комитет за конзервација на мозаици во Барселона, на десеттата меѓународната изложба „Арте дел мозаико“, во Назано, Рим. На просторот кај Долна порта стои постер од мапата и на негово место конечно треба да биде изложено ова уникатно уметничко дело кое ќе биде траен белег и додадена вредност на културно уметничкото наследство на Охрид како уште едно сведоштво за милениумскиот творечки континуитет на овие простори.
