„Мозаик колаж“ е насловот на претстојната изложба на охридскиот уметник Никола Упевче
Автор е на бројни дела изработени во една од најтешките техники во уметноста како што е мозаикот. Познатиот конзерватор и мозаичар на 24 јули во Музејот Куќата на Робевци ќе ги изложи неговите мозаици и реставрации на кои работел на археолошките локалитети во градот, регионот и Европа.
Охридскиот уметник Никола Упевче со свои мозаици и реставрации ќе се претстави на самостојна изложба на 24 јули во Музејот Куќата на Робевци. Уметникот Упевче, две децении, камче по камче вградува во неговите дела голема љубов и трпеливост. Автор е на бројни мозаици и реставрации на мозаици на архолошките локалитети кои ги има Охрид. Упевче за претстојната изложба, вели, после 2 децении насобрав доста материјал, кој е на различни места во светот сега ќе го обединам во една голема изложба. Пред љубителите на уметноста ќе се претстави со околу 40 негови дела и разни интервенции на кои работи и како рестарватор во регионот и Европа.
„Јас се трудам да експериментирам со внесување на повеќе материјали во мозаикот, да добијам слобода во еден свој личен израз и да направам свој печат за моите размислувања и гледишта како би треба да изгледа оваа древна техника со која изобилова нашиот град. Да дадам ново видување“.
Изложбата е од национален карактер и е поддржана од Министерството за култура. Мозаикот како форма на изразување на уметниците е многу ретка и специфична техника. Упевче, напомeнува дека оваа техника бара многу време пред се, но и љубов и внимание. Затоа многу луѓе се откажуваат ќе направат една масичка, стол и се откажуваат. Многу е тешка техника, а за мене тоа е предизвик, раскажува посветениот уметник. При тоа открива од каде ја црпи неговата творечка инспирација.
„Од се, од природата, од антиката. Ова е една древна техника која оставила траги и во другите милениуми, другите времиња. Јас се трудам да ја обновам, оживеам и да ја претставам во едно ново светло“.
Негови мозаици красат делови од градот и се дел од охридските цркви како што се сводот на мозаикот на Богородица во црквата Каменско, чешмата во дворот на црквата Св. Богородица Пандонос, потоа Фонтаната на 4 рајски реки на малиот плоштад кај Музичкото училиште.
Неговиот мозаик мапа на Охрид, сеуште чека од надлежните институции да биде поставен на соодветно место во градот.