Мозочните удари во пораст
Во Македонија има годишно 5300 нови случаи со мозочен удар. 2100 болни од мозочен удар се борат со последиците од болеста. Годишно умираат 4400 лица од последиците на болеста покажале последните истражувања на Кралскиот колеџ во Лондон. За две до три декади се очекува бројот на мозочни удари да се удвои. Висок процент од ризик за мозочен удар има и во Југозападниот регион според последната изработена студија, информира д-р Маја Божиноска, невролог и претседател на Здружението за превенција од Мозочен удар.
„Испитувањата покажале висок процент на ризик факторите за мозочен удар. На последното истражување 42 проценти од испитаниците од Југозападниот регион имаат висок процент на хипертензија, 20 проценти имаат срцеви болести, 17 проценти дијабет. Не само повозрасната популација туку и помладите испитаници ги имаат тие ризик фактори. Трагично е што 44 проценти од луѓето не знаат да ги наведат ризик факторите за мозочен удар“, подвлекува неврологот Божиноска.
Постојат 10 потенцијални модифицирачки причини за настанување на мозочен удар без разлика на пол и возраст. Хипертензијата, срцевите болести, пушењето, прекумерната употреба на алкохол, дебелината, физичката неактивност, покачените масти и шеќерот, стресот, д-р Божиноска ги набројува најчестите ризик фактори.
„Јас би додала уште неколку причини кои се споменуваат во последно време. Тоа се инфекцијата со ковид 19 и метаболниот синдром. Резултат е на несоодветната исхрана и несоодветниот животен стил, физичката неактивност, неухранетоста кај населението и нискиот социјален стаус , како и загадениот воздух. Сите тие се на листата како ризик фактори за мозочен удар, вели д-р Божиноска.
Мозочниот удар е на прво место за инвалидност, а второ за смртност во светот и кај нас.
Здружението за превенција од мозочен удар има за цел превенција на населениeто од мозочен удар. На нивната веб страница има поставено калкулатор за пресметка на 10 годишен ризик од мозочен удар. Испитаниците при тестирањето може да откријат кои се ризик факторите кај нив, како да делуваат да ги намалат, во консултација со специјалист лекар, напоменува д-р Маја Божиноска