Skip to main content

Мрак на многу улични места во Охрид

Мрак на многу улични места во Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 
svetlo

svetloДел од светилките на улиците АРМ, Галичица, во стариот дел од градот, Карпош Војвода, Даме Груев не светат.  На Булевар Туристичка исто така во вечерните часови се забележува делумно осветлување, а во мрак е левата страна на туристичка, кај воените згради. Се повеќе градски улици потонуваат во мрак. Граѓани јавуваат дека не светат ни светилките на магистралниот пат од Билјанини извори кон Рача. Во населбата Радојца Новичиќ граѓаните  делумно задоволни од уличното осветлување.  За функционално одржување на јавното улично осветлување надлежна е Локалната самоуправа, а за таа намена граѓаните плаќаат месечен надоместок од 140 денари. Жителите реагираат на мрачните улици, а посебно станоиздавачите од стар град,  се прашуваат со чудење на прагот од летната сезона како ќе ги дочекуваат туристите во мрак. Одговор  кога ќе се заменуваат прегорените светилки  побаравме од надлежните општински служби.  
Од локалната самоуправа не сакаат пред камера да дадат одговори во врска со тековното одржување на градското осветлување посебно пред стартот на туристичката сезона. Нивниот став ни го испратија на писмено. Во него стои:

svetlo„ Грижата за јавното осветлување е на Секторот за комунални дејности,  сообраќај и улици. Вие знаете дека е потпишан договор со странска компанија по  принципот на Јавно приватно партнерство. До реализација на договорот,  јавното осветлување се одржува според усвоената програма на Советот на Општина Охрид. Веруваме дека странскиот партнер многу брзо ќе започне со имплемантација на  договорот, односно пред истекот на рокот предвиден за отпочнуванје со работа на  осовременување и одржување на јавното осветлување во општината“, стои во дописот.

Од Секторот за комунални дејности тврдат дека работат на замена на прегорени светилки според динамиката на набавка од постојниот добавувач. Додаваат дека во моментов до нив пристигнале барања за интервенција на 20 до 30 сијалнични места низ градот. Но, не можат со сигурност да кажат до кога сите тие ќе бидат ставени во функција.

Во месец март, охридските советници од мнозинскиот блок ја изгласаа  одлуката, одржувањето на јавното осветлување  со јавно приватно партнерство да го доверат на чешка компанија. Само по еден месец, градоначалникот побара од советниците поништување на претходно донесената одлука. Меѓу неколкуте аргументите кои ги изнесе во прилог на поништувањето, градоначалникот  кажа дека јавното осветлување и не е во така лоша кондиција,па ќе се бара нов инвеститиор кој ќе остави повеќе пари во општинската каса на име надоместок.  Одлуката не беше донесена. Така чешката компанија ИСЦ системи од Карлови Вари ќе го модернизира јавното осветлување во Охрид.  Компанијата треба да инвестира 3 милиони и 570 илјади евра во модернизација на системот за осветлување со кој ќе стопанисува15 години. Локалната самоуправа надоместок годишно ќе добива  220 илјади евра.