Skip to main content

Мрежите духови, невидлива но постојана закана за езерскиот екосистем

172 рибарски мрежи само на македонска страна на Охридското езеро беа извадени годинава во четвртата по ред акција за чистење на езерото од напуштени мрежи духови. И понатаму доминираат мрежите за лов на пастрмка и белвица, но тие се закана за целиот жив свет во езерото. За опасноста од напуштените мрежи во езерото денеска се говореше на работилница насловена Невидливи мрежи – видлива закана, во организација на Јавната научна установа Хидробиолошки завод Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

172 мрежи или 11 км во вкупна должина извадија нуркачите годинава од Охридското езеро, само на македонска страна во активностите за отстранување на напуштени мрежи духови. И понатаму доминираат мрежите со димензии на окца за лов на пастрмка и белвица. Но овие напуштени мрежи духови не ловат само риби, туку ловат и птици, ракови и воедно уништуваат живеалишта на многу ендемски видови.

„ Мрежите ги отстрануваме на територии каде се наоѓаат природните плодишта на пастрмката , но не живее само пастрмката таму , живеат и многу видови. Ова е целно чистење за да овозможиме успешен вештачки мрест за неколку месеци, следната година за да ја одржиме популацијата на пастрмката на биолошки оптимум.-вели Душица Илиќ-Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид.

„Мрежите духови“ се глобален и континуиран проблем кој не може да се реши еднократно или со повремени инцидентни акции, потенцира Илиќ-Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“. Тоа апелира на прекуграничен напор и чистење на Охридското Езеро од македонска и албанска страна.

„ Езерото се дави во мрежи и она што ние го отстрануваме е само мал процент, мал број од тоа што во езерото постои, верувајте дека и само ова да е наша единствена активност би имале работа за секој ден во 365 дена во годината. – посочува Илиќ-Боева.

Нуркачкиот центар Амфора во континуитет е дел од активностите за отстранување мрежите духови од првата акција која се спроведе во 2017тата година. Нуркачите велат дека мрежите фатени во карпите ги има скоро на сите длабочини, на различни локации и скоро секаде каде нуркаат наидуваат на нив.

„Тоа е еден континуиран проблем на кој работиме веќе подолго време. Работата во вода е тешка и ризична. Работиме во услови на слаба видливост , на многу мала температура и овие мрежи се најчесто заплеткани околу карпи и лебдееат на дното на езерото. Потребна е тимска работа за безбедно да се отстранат сите овие мрежи. Се користат некои специјализирани алатки во форма на специјални ножеви и бови за да се извадат на површина и потребна е тимска координација за сето тоа безбедно да се изведе. “ – вели Јован Секулоски – НЦ Амфора.

Со четвртата акција за отстранување на напуштени, изгубени, заборавени или на друг начин оставени таканаречени „мрежи духови“ годинава беше опфатено и Преспанското Езеро, но поради заматеноста на водата таму биле извадени само две мрежи.

Активностите се финансирани од Програмата за поддршка на рибарството и аквакултурата во делот за рехабилитација на природните води, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Ги спроведува Хидробиолошкиот завод во соработка со Државен инспекторат за земјоделство, Регионален центар за граничен надзор Запад, Капетанија на пристаништа, Камп за обука на вода на АРМ, ЈП Билјанини извори.