МТЦ: Наводите на ОО СДСМ Охрид се целосни невистини
Министерството за транспорт и врски најостро реагира на денешната прес-конференција на општинската организација на СДСМ.
Министерството за транспорт и врски најостро реагира на денешната прес-конференција на општинската организација на СДСМ Охрид.
Изнесените наводи дека „од страна на државата било откупено земјиште за 10 милиони денари блиску до охридскиот аеродром, иако тоа земјиште не може да се искористи за проширување на аеродромот, со што на претходните сопственици, партиски војници, роднини и пријатели на претставници на власта им се подариле 162.600 евра…“ се целосни невистини, реагираат од Министерството.
Земајќи го фактот дека експропријацијата за која на оваа прес-конференција информираат СДСМ е направена пред 7 години, а сега во пресрет на претседателските избори се обидуваат да лиферуваат неточни информации во однос на истата, сметаме дека станува збор за обид да се одвлече вниманието од фактот дека СДСМ за време на нивното владеење немаат реализирано ниту еден значаен проект во областа на воздухопловството. Имено, постапката за урбанизација, односно изработка на планска документација е започната во 2007 година, а експропријацијата на земјиштето во 2008 година. Утврдувањето на износот за експропријација за повеќе од 90% од предметите е решено по судски пат. За ноторно непознавање на оваа област од страна на СДСМ говори и фактот дека денес изнесените изјави се целосни невистини и сакаме да ја информираме јавноста дека експропријација се врши врз основа на утврдена планска документација, која за проектот за модернизација на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид е согласно меѓународните воздухопловни стандарди на ИКАО (Меѓународна организација за цивилно воздухопловство), а истата беше одобрена од страна на реномираниот консултант „НАКО“ од Холандија. – се вели во реакцијата од Министерството за транспорт и врски