Со духовна грациозност и нагласен виртуозитет се огласија вчеравечер на „Охридско лето“ младите уметници од Србија, виолончелистката Ирена Јосифоска и пијанистот Александар Џермановиќ.
Публиката уживаше во маестралната изведба на Сонатата во Це-дур за виолончело и пијано од Бетовен, во Фантастичните пиеси на Роберт Шуман, во Сонатата за виолончело и пијано од Сергеј Рахмањинов, како и во композицијата „Le grand Tango“ од Астор Пјацола.
Подиумот во црквата „Света Софија“ зрачеше од музичката убавина што ја приредија двајцата млади уметници со префинето мајсторство врз своите инструменти.
Ирена Јосифоска е една од најперспективните виолончелистки на нејзината генерација. Таа е победничка и освојува награди на повеќе национални и меѓународни натпревари.
Првпат свирам во Македонија што е многу чудно зашто сум настапувала насекаде во светот, во Европа и во САД, а згора на тоа сум и половина македонка. Но, фестивалот „Охридско лето“ го следам уште од рана возраст. Доаѓајќи на одмор во Охрид имав можност да ги следам моите идоли и навистина е голема честа да настапам на концертниот подиум каде што свиреле и тие – рече младата виолончелистка Јосифоска.
Младиот професор и пијанистички виртуоз, Александар Џермановиќ е професор на Академијата за уметности во Нови Сад. Добитник е на бројни награди за пијано и камерна музика.
Со Александар се знаеме од мали нозе, но не настапуваме често заедно. Досега сме одржале само три концерти и тоа на Балканот. Секогаш кога треба да се настапи на овие простори, секогаш се присетувам првин на него – додаде Јосифоска која по учеството на „Охридско лето“ ја очекува настап на фестивал во Полска.
Репертоарот на класична музика на 62-то „Охридско лето“ продолжува утревечер со Музички времеплов на српските уметници Андрија Минчиќ на кларинет и Тадија Минчиќ на фагот во соработка со пијанистот Никола Цветковиќ.