Во четврток на 20 јуни пред платото на Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи музичка вечер „Чалгиските звуци во чест на Климе Садило“. Настанот е во организација на Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди“ од Охрид, а изведувачи ќе бидат Музичката група „Фросина“ и Камерен Оркестар „Охрид“.
Климе Садило е претставник на македонската чалгиска традиција чии зачетоци се во 19 и во 20 век. Роден бил 1881 година, а починал 1965 година. Најпрво започнува да свири во тајфата на својот татко, а подоцна формира своја тајфа „Такамот на Садиловци“, која подоцна е преименувана во „Охридски трубадури“. Свири заедно со Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманов, Ѓоре Чочег, Димко Карче, Мехмет Утчи. Го изучува чалгискиот занает на виолината што ја купил од семејството Лозанчеви од Битола во 1913 година свирејќи со лева рака. Заедно со својата тајфа свират големи настани како свадби, крштевки, сунети, празници. Виолината на најпознатиот охридски чалгаџија, Климе Садило, од неодамна е изложена во Музеј Куќата на Робевци.