Skip to main content

супер чистка

На Денот на Охридското Езеро, петта година по ред Sup Club Охрид спроведе еколошка акција

По повод Денот на Охридското езеро, традиционано и годинава се одржа еколошката акција Супер чистка во организација на Суп Клуб Охрид. Со суп даски и кајаци, учесниците го чистеа од отпадоци езерскиот брег од Канео, Лабино, Градска Плажа и Стар Град.
 |  инфодеск  | 

Утрово од плажата Канео 30-тина лица од сите возрасти, со Sup даски и кајаци, тргнаа во еколошка акција покрај брегот на езерото. Учесениците веслаа и чистеа отпадоци што плутаат во водата и од брегот до плажа Лабино, Градска Плажа и Стар Град. Оваа „Супер чистка“ петта година по ред ја организира Sup Club Ohrid по повод 21 јуни, Денот на Охридското езеро.

„На денот на Охридското езеро сакаме да упатиме апел до населението и сите што го посетуваат Охрид повеќе да се грижиме за Охридското езеро и да си го заштитиме ова светско наследство. Од година во година има се поголем интерес за акцијата. Првата година кога почнавме бевме само неколкумина кои често весламе и некои наши пријатели. Сега веќе оваа година има околу 30-тина учесници. “– вели Владимир Велјаноски од Sup Club Охрид.

Веслачите и инструкторите од Sup Club при секоја тура собираат отпадоци од езерото, од брегот кој е достапен само со пловен објект и од вдлабнатините во карпите. Дури и туристите кои изнајмуваат даски при секое враќање од веслање со нив носaт собрани отпадоци, кажуваат oд Суп клубот. На таков начин и се родила идеата за организирање на една поголема еколошка акција со цел да се упати порака да не се фрла ѓубре во езерото.

„Ние години наназад организираме и тури со туристи и секогаш кога ќе се се вратевме од тура и ние а и странските туристи имавме собрано на суб даските ѓубре. Оваа е една од поголемите акции, но ние често правиме тури и во текот на веслањето собираме и отпадоци од езерото.

„Имавме тура со две дечиња на 7 и 9 годишна возраст ги учев да веслаат. И при веслањето наидовме на отпадоци кои дечињата почнаа да ги собираат и така ни се јави идејата да почниме да правиме акции. Целта ни е да ја подигнеме еколошката свест пред се на локалното население, затоа што мислиме дека е на ниско ниво, а со тоа и на гостите од другите градови и од странство. Но прво сметам дека треба да почнеме од нас самите. “– кажува Велјаноски.

Посебно е лоша состојбата во пикот на сезоната во август кога Охрид најмногу ги чувствува ефектите на масовниот туризам. Од Sup Club сметаат дека за да го заштитиме нашето природно богатство треба да се стремиме кон развој на одржлив еко туризам.

„Ние Охрид го гледаме како дестинација за одржлив туризам затоа сакаме да гледаме на езерото повеќе еколошки пловни објекти како sup даски, кајаци, едрилици. Во таа насока апелирам пловните објекти на моторен погон кога се движат во приобалниот дел да внимаваат за поголема безбедност на сите учесници како што се Sup, кајак веслачи, но и капачите чија безбедност се загрозува. “– посочува Велјаноски.

Првиот ден на летото 21 јуни, во 2000-та година беше прогласен за ден на Охридското Eзеро. Тогаш е потпишан меморандумот за заштита на езерото помеѓу Охрид, Струга и Поградец, со цел подигање на свеста за поголема заштита на езерото како природно наследство од македонска и албанска страна. ⁣