Skip to main content

На Галичица се уредува Виа Ферата

Над местото Корита и ќе биде најдолгата туристичка виа ферата во земјава. На пролет алпинистите и љубителите на природата ќе добијат нова авантуристичка понуда.

 |  Валентина Неловска  | 

Виа ферата ќе се уредува на планината Галичица. Охридските алпинисти од клубот Патагонија добија согласност за изградба од Министерството за животна средина и НУ НП Галичица, информира долгогодишниот искусен алпинист Антонио Додевски од АК Патагонија. Виа фератата ќе биде изградена во должина од 500 метри според сите Европски стандарди. Новата атрактивна понуда ќе биде готова пред почетокот на летната сезона. 

Најбитните сегменти се веќе дефинирани, обележани се позициите за поставување на инфраструктурата. Има 200 м чисти вертикали  на раскршен терен. Вкупно 200 метри се поврзани со кратки пешачења обезбедени со максимално квалитетна опрема според стандардите кои се неопходни – истакна Додевски.

Виа Ферата ќе биде поставена над излетничкото место Корита. Во иднина, овој предел се предвидува да прерасне во авантуристичка зона. Се наоѓа надвор од зоната на строга заштита каде што присуството на луѓето не е штетно за природата.

Пределот е во зона на одржливо користење и сосема мал дел навлегува во зона на активно управување каде што алпинизмот и пешачењето не се проблем за природата. Во иднина, со активностите кои се планираат на овој дел ќе се пренасочат активностите на луѓето и ќе го растеретат притисокот во строго заштитената зона Магаро – вели Додевски.

Виа фератата на Галичица ја уредува АК Патагонија со поддршка од Фондацијата ПОНТ. Таа ќе е третата најдолга и најатрактивна ферата од која ќе се протега прекрасна панорама кон Охридското Езеро. Претходно е изградена ваква Виа ферата во Вевчани, а втората се привршува во Маврово.