15 волонтери на планинската спасителна служба при Црвен Крст и Алпинистичкиот клуб Патагонија од Охрид заедно со девет припадници на ренџерската служба на Националниот парк Галичица со три теренски возила и едно специјално, како и обезбедување логистика со храна и вода за сите учесници во гаснењето на пожарот, обезбедена од сопствениот скромен буџет и неколку компании донатори,, се во постојана битка со огнената стихија која веќе 10 дена беснее во високите предели на Галичица. Пожарот е јасно видлив и од охридската страна, кој претходно гореше од страната на Република Албанија и од врвот Магаро кон преспанската страна.
ЦУК информира дека огнот десетти ден гори на тешко пристапен терен и е навлезен во буковата шума. „Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север. Последните три дена волонтерите сместени во планинската куќа ‘Спиридон’ постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подговување на подобар план за делување следниот ден“, се додава во соопштението.
Според директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов густиот црн чад најверојатно е предизвикан од од поголемиот број смреки и овој чад предизвикува силна вознемиреност кај граѓаните.
„Втората карактеристика на овој пожар, особено од охридска страна е што се слушнаа неколку детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства, остатоци од војните кои се воделе на овој регион и фронтовата линија. Тоа дополнително го отежнува гасењето на овој пожар бидејќи мораме да почекаме истиот да се приближи кон шумата каде што е релативно побезбедно, затоа што на голиот појас, каде има претежно трева и грмушки и друга ниска вегетација, гасењето е ризично и опасно бидејќи постои можност од експлозии“ потенцира Ангелов.
На социјалните мрежи се споделува повик до сите граѓани што сакаат да помогнат во гаснењето на пожарот на Галичица, кој се прошири на страната кон Охрид.