Skip to main content

Анкета твм

На кои медиуми им веруваат охриѓани?

Од какви и кои медиуми се информираат граѓаните од општините во регионов? Какви се навиките за следење содржини во онлајн светот на брзи информации, на социјални медиуми и интернет. Најголем дел од граѓаните информациите ги добиваат од интернет, а помалку од телевизии и радија. Но довербата во медиумите е другата страна на медалот. ТВМ на оваа тема спроведе анкета преку алатката за Engaged Citizens Reporting.
 |  инфодеск  | 
Табела локални

Граѓаните ги менуваат своите навики за информирање од медиумите, притоа сè повеќе го користат интернетот, преку мобилен телефон или преку компјутер. Онлајн медиумите се повеќе ги привлекуваат огласувачите, но телевизијата сеуште останува влијателен извор на информирање, и е многу влијателна во формирањето на јавното мислење за политичките и за другите важни општествени прашања, според резултатите од истражувањата направени за потребите на ААВМУ.  

Информирани граѓани се основата за одржување на едно успешно и силно демократско општество. Но, истражувањата покажуваат дека стапката на медиумска писменост на граѓаните во земјава е меѓу најниските во регионот во време кога сериозни кампањи за дезинформирање земаат замав.

Професионалното, објективно, базирано на факти, новинарство е од суштинско значење во градење на демократските капацитети на една земја, преку процесот на информирање на граѓаните и заштита на јавниот интерес. Тоа е поизразено во денешното време на информациски хаос. Во онлајн светот на брзи информации, на социјални медиуми и интернет, каде секој може да објавува содржини, граѓаните се изложени на најразлични практики кои имаат за цел виралност на сметка на квалитет и точност на информациите. 

ТВМ спроведе анкета за навиките за информирање на граѓаните од регионов и за тоа во кои медиуми имаат доверба.

90 % од граѓаните во охридско-струшкиот регион информациите ги добиваат од веб портали. 44% се информираат од телевизиите, 13,8% од радија, 7,44 % од интернет и социјални мрежи, а 6,4% сеуште читаат весници. Ова го покажуваат резултатите од електронската анкета која ја спроведе tvm.mk преку алатката Engaged Citizens Reporting (ECR) од проектот Media for all, во период од 04.11. до 29.11.2022 год.

Пита медиуми

Анкетираните граѓани одговараа и на прашања за тоа во кои медиуми имаат најмногу или немаат доверба. Притоа можеа да наведат повеќе од еден медиум. Најголем број од анкетираните ги навеле ТВМ и Ohridnews како медиуми во кои имаат најмногу доверба. Додека пак како медиуми во кои имаат најмалку доверба најголем број од анкетираните ги навеле OhridSky и Ohrid1.

Табела локални телевизии

Од граѓаните кои одговориле на анкетата 92,6% се од Охрид. 

Пита медиуми

Што се однесува до националните медиуми, 24 % од  анкетираните најмногу доверба имаат во Телма, најмалку доверба или 31% од анкетираните имаат во СИТЕЛ, но интересно е што 28% одговориле дека немаат доверба во ниту еден национален медиум.

Табела национални телевизии

На прашањето “Кои теми/содржини би сакале да бидат позастапени во медиумите?” акетираните граѓани понудија најразлични одговори како “Проблемите на граѓаните “; “Успешни приказни за локални луѓе“ ;„ Дебати на различни локални теми”; “Работењето на општината”; “Поголемо критичко следење на локалната самоуправа и работата на јавните претпријатија“ ; “Корупцијата во институциите„ ; “Како се трошат буџетските средства“ ; “Заштита на културното наследство”.

Голем број од анкетираните навеле дека сакаат повеќе застапеност на теми од културата, дебатни и контактни емисии со локални лица, документарни емисии и повеќе спорт.