На комеморација охридските новинари се збoгуваа од колегата Борис Георгиески
Колегите се навратија на неговата висока новинарска етика и професионалност, неговите пасии рибарењето и сликањето. Во овие турбулентни времиња , кажаа дека ќе се обидат да го следат неговиот професионализам и да го сочуваат чист својот двор и образ.
Последно збогум на починатиот новинар Борис Георгиески упатија охридските новинари. Колегите се простија со новинарот кој се одликуваше со висока професионалност и остави белег во македонското новинарство. Тој беше пример за многу охридски новинари од кого стекна дргоцено искуство. Од името на колегите се прости Симон Илиевски кој потсети на неговата страст кон професијата, но и на неговите пасии рибарењето и сликањето.
„ Посакувам да оди кон небото со добра мисла и со мирна душа. На спокојно место да ги спојува добрите мисли од новинарството, неговите цртежи, страста кон рибарењето. Да ги спои сите елементи и убавината од неговата градина со шарено цвеќе со спокој на душата“, рече Илиески во последното обраќање кон неговиот колега и пријател.
Со заминувањето на Борис Георгиески медиумската заедница во Охрид загуби колега и драг пријател, рече Горан Момироски од името на охридското здружение на новинари. Во овие турбулентни времиња, кажа дека новинарите ќе се обидат да го следат неговиот професионализам и да го сочуваат чист својот двор и пред се образ, онака како што го правел тоа Георгиески.
„ Професионалците како Георгиески, денес се вистинска реткост секогаш на страната на вистинското новинарство. Додека беше активен новинар не го криеше незадоволството од правецот во кој тргна нашата професија која денес е сериозно разнишана и е доведена до сомнителен кредибилитет. Благодарение на поединци кои залутале во новинарството “, рече меѓу другото Георгиески.
Борис Георгиески е роден во селото Лактиње на 12 октомрври 1944 година. Студиите по новинарство ги запишува во Загреб, а ги завршува во рекордно време во Белград. Во текот на богатата новинарска кариера работел како новинар во радио Белград, директор и глевен уредник во Радио Младеновац, дописник на радио Белград од Скопје, дописник на Миа од Охрид. Бил регионален претседател на ЗНМ и во 90 -те години од минатиот век основач на МСБ радио. Реализирал бројни проекти за повеќе локални медиуми. Почина во Охрид на 76 годишна возраст.