На локалниот пат за Велестово потребна е итна санација на поткопаниот асфалт покрај патот
На локалниот пат за Велестово потребна е итна санација на поткопан асфалт покрај патот. Лошо завршени градежни работи довеле до поткопување на асфалтот кој секојдневно полека се уништува. Патниот правец Охрид Велеството беше целосно реконструиран пред 2 години.
Лошо изведени градежни работи довеле до поткопување на дел од локалниот пат кон селото Велестово. На потегот од патот над Билјанини извори покрај патот почнува да пука и да тоне асфалтот. Околу 30 сантиметри од крајниот дел на патот се веќе уништени. Тука , секојдневно минуваат возила и потребно е да се интервенира.
Од општина Охрид за проблемот на патниот правец немаат сознанија, но велат дека ќе направат увид на терен.
Инаку, реконструкцијата на локалниот пат Охрид – Велестово во должина од 3 км беше завршен во март 2016 година. Патот беше проширен за 40 -50 см по цела должина.
Градежните зафати се одвиваа во две фази. Општината обезбеди 15 милиони денари од Агенцијата за поддршка на руралниот развој и 6 и пол милиони денари од Агенцијата за патишта на Република Македонија.
Патниот правец беше реконструиран после триесет години со цел да го подобри животот на малубројните семејства кои живеат во Велестово, но и да се овозможи да стане привлечна дестинација за развој на руралниот и планинскиот туризам.