На нашите депонии се согоруваат и до 80 проценти од создадениот отпад
Отпадот од домаќинствата во развиените земји е секундарна суровина, а кај нас завршува на депониите. Законот за управување со отпад предвидува селектирање на сите видови отпад, но поголемиот дел од граѓаните тоа не го применуваат во пракса.
Дадени се национални цели за намалување на домашниот отпад кој завршува на депониите на долгорочен период во периодот 2025 -2030 година. Отпадните гуми, текстилот, отпадните масла и пластиката е предвидено со новиот Законот за управување со отпад и отпад од пакувања да се селектираат во секое домаќинство, напоменува екологот Ѓоко Зороски. Потсетува дека во развиениот свет отпадот е секундарна суровина и влегува во процесот на производство, а кај нас отпадот е ѓубре и се согорува.
Наместо 30 посто од целкупниот создаден отпад од домаќинството да заврши на депониите најчесто завршуваат 70 до 80 проценти.Затоа има проблем со депониите кои не се градени по Европски стандарди – вели Зороски.
Екологистите стравуваат дека кај нас проблем се и ќе бидат пет амбалажата, пластичните шишиња и другата пластика која не може да се рециклира. Еколошки проблем гледаат и во согорувањето на отпадниот текстил.
За текстилот сеуште нема решение во нашата држава. Се исфрла на депонија и се согорува. Во странство наоѓа примена во разни технолошки процеси и се обработува. Служи за изградба на мембрани во градежништвото или за други намени. Наоѓа примена, а кај нас завршува фрлен на депонија – додава Зороски.
Екологот Зороски препорачува процесот на селекција на домашниот отпад да се забрза. Во таа насока општините кадровски да се подготват со зголемен број на инспектори и кадри, како и да издвојат повеќе средства во буџетот за заштита на животната средина.