На Охридското езеро од албанската страна се рушат хотели на македонската ќе се градат
На Охридското езеро сод албанска страна се рушат хотели на македонската ќе се градат.
На брегот на Охридското езеро од албанската страна на потегот од Лин кон Поградец се срушени 46 објекти изградени на самиот брег од езерото. Се рушат и легални и нелегални хотели и угостителски објекти. Албанската држава издвоила буџет од 5 милиони евра со кој се обештетуваат сопственеиците на легалните градби, вели Аријан Мероли претставник од Билатеријалниот секретаријат за заштита на Охридското езеро од Албанска страна. Од другата страна на езерото пак, кое е под заштита на УНЕСКО се планира градење на туристички капацитети, резиденцијални објекти и туристички развојни зони. Албанскиот дел пак е пред номинација да добие статус на заштитено природно подрачје. Мероли смета дека целта на акцијата за отстранување од брегот на се што е од цврста градба е токму во таа насока.
„ Оваа мерка е затоа што ние сакаме да имаме статус кој го има и македонската страна како културно и природно наследство на светот. Унеско има пропозиции и мислам дека сме на добар пат и нема објекти кои ќе остават негативно влијание врз езерото и загадувањето и езерото е заштитено“, вели Мероли.
Албанските власти со овој мошне сериозен зафат не запираат тука. Мероли најавува дека експерти прават испитување и на хотелите кои имаат најголемо негативно влиајание врз езерото на потег Поградец – Тушемиште, во непосредна близина со македонската граница.
Со цел да направиме паралела на состојбите, зошто додека во Албанија се руши, а на македонската страна се планираат градби на езерскиот брег, побаравме мислење и од Дејан Паноски, од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро од Македонска страна. Паноски вели дека тоа е политика на албанската држава како го уредува крајбрежниот појас, но дава препорака и за езерскиот брег од македонска страна.
„ Што се однесува на нашата страна би било пожелно да нема компромиси доколу има и од наша страна нелегални објекти на брегот на езерото. Добро би било како процес што го имаме во овој момент околу големи проекти што се планираат да влезат во фаза на оценка на влијание врз животната средина се што ќе се прави да нема голем негативен ефект врз животната средина и природните реткости и вредности врз Охридскиот регион“, потенцира Паноски.
Инаку, за просторот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“ веќе биле избрани идејните решенија. Неофицијално, на овој потег ќе се гради нова луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани поврзани со систем од канали и езерца. Долж самото крајбрежје на Охридското езеро, треба да се гради најавуваната марина во градот, но и нова плажа со должина од 700 метри.
„ Во понатамошната постапка е измената на ГУП и следствено на тоа претпоставувам и на ДУП. Во моментов Агенцијата за просторно планирање работи на дел за измена на урбанистички план , а дали вака ќе изгледа тој проект на Студенчишко блато останува да видиме.Можеби ќе има и други идејни решенија“, информира Џамтоски.
Со измените се остава простор и за ревитализација на мал дел од уништеното Студенчишко блато. Во изготвувањето на проектната документација за овие градби учествуваат општина Охрид и Министерството за транспорт и врски. Неодамна беше разгледувана и студијата за влијание врз животната средина на проектите предвидени за изградба во националниот парк Галичица. Екологистите сметаат дека жичарата, експресниот пат и елитниот хотелски комплекс во Љубаништа ќе имаат негативно влијание врз природата во заштитеното подрачје.
{loadposition content9}