На патот кон подобро утре, мигрантите минуваат низ нова голгота-дознајте како да им помогнете
Иницијаторите на оваа хумана акција кои се организираат преку социјалните мрежи, велат дека голем број граѓани самоиницијативно донираат средства за помош на мигрантите.
Охриѓани самоиницијативно се мобилизираат за помош на мигрантите кои секојдневно пешачат долж железничките пруги во Македонија.
Немилите настани во кои бројни мигранти ги загубија своите животи во потрага по подобро утре, наголемо го отворија прашањето за третманот на нелегалните мигранти во земјава и законската регулатива која нив ги третира. Поведени од овие причини, најпрво поединци, самоиницијативно започнаа со непосредно помагање на мигрантите кои секојдневно ја поминуваат грчко-македонската граница транзитирајќи кон некои од западноевропските држави. Во моментов, активна е иницијативата која наидува на се поголема поддршка на социјалните мрежи „Да помогнеме на мигрантите во Македонија“. Кон неа, со донации, но и организациски се приклучија и охриѓани. Од иницијативата потенцираат дека секој кој сака, може да помогне.
„Конкретно се бара вода, паштети, некои кроасани, хазапласти, облека моментално не е многу потребна, најважни се водата и храната бидејќи ги има во голем број, има многу деца, народот во Македонија ја покажа хуманоста досега, секој се организира сам, праќа помош и се донира на тој начин но мислам дека не ќе може да се издржи со ова темпо.“-вели Фатмире Ајдари, дел од иницијативата „Да помогнеме на мигрантите во Македонија“.
Ајдари потенцира дека ова е само краткорочно решение за мигрантите. Долгорочно, тие се надеваат на што поскоро менување на законската регулатива која ги третира мигрантите.
„Имајќи ја предвид економската состојба во Македонија, и поради тоа што граѓаните самоиницијативно се организираат не ќе може да се помогне доволно, нема толку средства, затоа граѓаните и ние апелираме до политичарите што побрзо да се донесе Законот за азил, така да тие ќе можат да поминат за пократко време низ Македонија и ќе може да се вклучат и Црвен крст и другите хуманитарни организации да им помогна за да си заминат што побргу од Македонија.“-рече Ајдари.
Податоците говорат дека секојдневно во Македонија влегуваат повеќе од стотина мигранти, а во летниот период се очекува овие бројки уште повеќе да растат. Доаѓаат најчесто од Сирија, Сомалија, Авганистан, земји растргнати од војна, сиромаштија, глад. Македонија не е нивната крајна дестинација. Тие најпрво се молат да стигнат до Србија каде според законот имаат право да престојуваат 72 часа, за потоа да тргнат кон некоја од западноевропските земји во потрага по подобар живот. За сите оние кои сакаат да донираат или да помогнат на било кој начин, може да ја побараат фејсбук групата „Да помогнеме на мигрантите во Македонија“, да контактираат на мејл адресата pomos.za.azilanti@gmail.com, или контакт лицето од Охрид, Мартин Колоски.