На политиката не и е местото во училиштата
На политиката не и е местото во училиштата.
Летоци со политичка содржина биле расфрлени во охридската гимназија, а утрово во некои класови бил прочитан и политчки проглас. Ова се информации од родители и ученици од гимназијата а за ваквите случувања реагираше со сооопштение и општинската организација на СДСМ. За потврда на овие случувања во средношколската установа одговор побаравме од директорот Ѕвонко Трпески. Трпески во телефонски разговор ги негира наведените случувања. Кажа дека во зградата немало никакви летоци туку на влезот од училишната зграда било пронајдено залепено соопштение. Кажа и дека група матуранти утрово сакале да го прочитаат соопштението пред своите соученици, но наводно не им било дозволено туку дека тоа го сториле во дворот на училиштето на голем одмор.
Ваквите настани се косат со член 7 од Законот за средно образование со кој се забранува политчко и верско организирање и дејствување во училиштата.
На нашето прашање дали Трпески како директор ги пријавил овие настани во полиција и кај државниот просветен инспекторат и дали откриле кој го залепил соопштението со оглед дека училиштето има видео надзор, директорот кажа дека усно го пријавил случајот во инспекторатот и дека наставата се одвивала нормално.
Од ОО на сдсм Охрид преку соопштение укажаа и го повикаа директорот и надлежните во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“ дека имаат должност да ги заштитат учениците од партиски злоупотреби.
„ Недозволиво е ученици преку истакнати летоци да се повикуваат да напуштаат настава за да бидат дел од протести на кои се поттикнува и шири етничка и национална омраза“, реагираат охридските социјалдемократи.
Охридските социјалдемократи обвинуваат дека зад летоците стои ВМРО ДПМНЕ.
Од таму ги отфрлаат обвинувањата.
„Вашите спинувани информации дека позади било кој леток или соопштение за граѓанскиот собир стои ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид се залудни и апсолутно неточни“, ги отфрлаат обвинувањата од Вмро Дпмне.
Инаку, слични летоци со кои учениците се повикувале на бојкот на наставата, поради наводен протест за зачувување на унитарноста на државата се појавиле и во неколку училишта во Скопје.