На сцената на „Охридско лето“ ќе се врати балетот и балетските претстави
На сцената на „Охридско лето“ ќе се врати балетот и балетските претстави и повторно ќе се актуелизира сцената на Самоиловите тврдини. Ова се само дел од плановите на новата директорка на НУ Фестивал „Охридско лето“.
Се кројат планови за 59тото издание на фестивалот „Охридско лето“. Директорката на оваа Национална установа, Наташа Поповиќ вели дека контактите со многу светски познати уметници се во тек и дека и новото издание на фестивалот ќе понуди квалитет и настани за сечиј вкус. Поповиќ кажува дека на сцената на „Охридско лето“ ќе се врати балетот и балетските претстави бидејќи малку се подзаборавени, а публиката особено помладата сака да види еден таков културен настан.
Од оваа година публиката ќе има можност да види балетски претстави. Нормално од помал карактер, но не и со помал квалитет. За жал ние немаме сцена за некои големи спектакуларни изведби, но се надевам дека во иднина ќе се надмине овој проблем па на Охридско лето ќе можат да се изведуваат балетски претстави како „Лебедово езеро“ или „Клеоптра“, вели Поповиќ.
Директорката на фестивалот вели дека посебно ќе се обрне внимание на реконструкција и санација на веќе постоечките сцени на кои се изведуваат музичките и драмските настани. Веќе се работи на „Долни сарај“ и се очекува оваа сцена да биде по сите стандарди како и што заслужува еден фестивал со вакво реноме. Поповиќ вели дека повторно ќе се актуелизира сцената на Самоиловите тврдини.
Тој локалитет малку беше подзаборавен, а е многу убав, има и многу убава панорама на градов. Заедно со селекторите и со Завод и музеј под чија ингеренција се тврдините ќе одлучиме што може да се изведува токму таму, објаснува директорката.
Интенција на Поповиќ е фестивалот да живее во текот на цела година па планирано е да се одржат повеќе концерти и во зимскиот период, а дел од нив ќе имаат и хуманитарен карактер за помош на ранливата категорија граѓани.