На Сончев рид да се изгради отворен музеј
Помеѓу Охрид и Струга на Сончев рид треба да се изгради првиот отворен музеј во Европа. На туристите на едно место да може да им се претстави целото културно и археолошко наследство од регионот. Археолошките локалитети и пронајдоци од бакарното време па се до ден денес.
Здружението „Енхелеус Лихнид” го има изработено овој прокт со кој се предвидува изградба на традиционална македонска куќа од далечното време, реставрирање на воена униформа, можност за посетителите да гаѓаат со стрели и одблизу да го доживеат минатото.
Да бидат презентирани облеките од империјалниот македонски период и сите откритија од досегашните истражувања.
Сите наоди и сите истражувања кои ќе се прават на Сончев рид ќе бидат стационирани во новиот Музеј каде што посетителите ќе можат сите тие периоди кои ги имаме почнувајќи од неолитот до ден денес, да можат да ја осетат енергијата и да ја осетат временската разлика, типологијата, социолошкиот аспект на човекот кој живеел крај брегот на Охридското езеро – вели Сашо Кироски, археолог.
Тоа ќе биде комплекс на археолошки локалитети со културен хоризонт од неолитот до денес. Музејот треба да биде лоциран на локалитетот Енгелана, веднаш до манастирскиот комлекс Свети Еразмо, помеѓу Охрид и Струга.
Се работи за еден од најдобрите и најубавите археолошки локалитети во светски рамки, затоа што е изграден четврти век пред новата ера од страна на Филип Втори Македонски, како одбрамбена зона за нападите од северните племиња. Меѓутоа не можете да останете рамнодушни на погледот од самиот локалитет на северниот брег на Охридското езеро, од каде што ќе ги забележите сите мерални преубави бои. Она што воодушевува се мегалитните камени блокови од два метра, а одбрамбениот ѕид достигнува до три метри и триесет сантиметри – вели Кироски.
Проектот е презентиран пред надлежните институции останува да се најдат финансии за неговата реализација.
Веќе се воспоставени повеќе контакти со институции надвор од Македонија, со Институтот од Штип, институтот од Скопје и веќе треба да се почне со реализација на овој проект. За жал проблемот во нашата земја се финансиите, па преку одредени грантови на Швајцарија и ЕУ се обидуваме да го реализираме тој проект – додава Кироски.
Последните археолошки истражувања на локалитетот Енгелана се извршени во 2011 година и ова вредно културно наследство воопшто не е презентирано пред туристите. Загрижува тоа што не е направена ниту конзервација и реставрација.
Новинар : Соња Рилковска