На видео бим на охридскиот плоштад изложба „120 години од Илинденското востание – архивска меморија“
Денеска на големиот празник Илинден на плоштадот Св Климент Охридски во Охрид на видео бим ќе биде презентирана изложбата „120 години Илинденско востание – архивска меморија“ со која Државниот архив се приклучува кон одбележувањето на 120-годишнината од илинденската епопеја.
Изложбата беше отворена во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, пред Македониумот во Крушево, а вечерва во 19 часот ќе имаат можност да ја погледнат и охриѓани и гостите.
Изложбата содржи над 300 архивски документи и фотографии прикажани на 20 изложбени паноа. Документите се дел од архивските фондови што се чуваат во Државниот архив, а се преземени од архивите во Истанбул, Софија и Белград.
„Оваа изложба ги прикажува: содавањето на македонската револуционерна организација, церемониите на заколнување на членството, дисциплината и солидарноста на Организацијата, нејзината структура, познатите војводи и револуционери, подготовките за Илинденското востание, текот и клучните вооружени борби со турската војска. На неколку паноа се прикажани и активностите што следувале по востанието, неговите последици и ефекти, како и конзулските известувања и објавите на светските печатени медиуми за него” – изјави директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески по повод отворањето на оваа изложба во Крушево.