Skip to main content

На Водици охриѓани ќе го погледнат дигиталниот Рибарски алманах

Станува збор за ретка колеција на зачуван регистер на охриѓани кои ловеле риба на Охридското езеро од периодот 1934 до 1941 година. Овој чин претставува подарок за охриѓани за Денот на рибарите.

 |  Валентина Неловска  | 

„Рибарски алманах“ ќе биде прикажан на видео бим на охридскиот плоштад на 19 и 20 јануари за Богојавленските празници. Охридскиот Историски архив и Лајонс клубот Лихнидос направија дигитална верзија на архивски материјал од регистар на лиценцирани рибари кои ловеле на Охридското езеро. Со првата дигитална верзија на алманахот се претставени 150 рибари од вкупно 480 регистрирани рибари. Станува збор за единствен архивски материјал од таков вид во нашата земја од периодот 1934 – 1941 година, информира Никола Митровиќ Бабе, в.д директор на Историскиот архив Охрид.

„Во публикувањето на документите особено значење има рибарската референтна картотека во која се опфатени 428 рибари. Ставени се со фотографии и детален опис на рибарите и таа карактеристика за Денот на Рибарите ќе се претстави на видео бим, ќе се прикажуваат слајдови од рибарите еден по еден. Охриѓани ќе може да си ги видат своите претци кои биле запишани како рибарски референти.“

Овој чин претставува своевиден подарок за охриѓани за Денот на рибарите, а идејата е на Лајонс клуб Лихнидос  од Охрид. Иницијаторот, Проф. д-р Зоран Тунтев, кажува дека тоа се рибари кои пред Втората светска војна биле впишани во посебен регистер и ажурирани, се знаело кој и кога може да лови во Охридското езеро.

Идејата ми се виде неверојатна да ја публикуваме и таквата информција да ја дадеме на пошироката јавност. Неколку месеци работевме на проектот. Имаше многу работа за ажурирање податоци, пронаоѓање на фамилиите да дадат фотографии од дедовците и прадедовците кои недостигаа во алманахот. Имаше регистер број, име и презиме но недостигаа неколку фотографии. Електронската и компјутерската подготовка бараше многу време и тоа го работевме неколку месеци“.

Во подготовката и презенатцијата на Рибарскиот Алманах покрај Исторскиот архив на град Охрид и Лајонс клуб Лихнидос, исто така, учество зеле Културолошката иницијатива ‘5 до 12’, членовите на ансамблот ‘Билјана’ и Ардијан Бајрамовски, со чија помош видео материјалот ќе се емитува на големиот билборд на градскиот плоштад.