Набавено современо амбуланто возило за потребите на Здруженито „Мозочен удар“
Во итни ситуации сега ќе се стигнува до најоддалечените рурални места. Возилото, понатака ќе се отстапи на некоја од здравствените установи во општина Охрид. Во меѓувреме, од здружението не само што го едуцираат населението како да се превенира од мозочен удар туку собираат и податоци корисни за изготвување на Национална Стратегија во борба против мозочните удари во земјава.
Обезбедено е амбулантно возило за потребите на граѓаните и здравствените работници од Здружението „Мозочен удар“. Тие како дел од проектот „Квалитетно здравство“ го набавија амбулантното возило преку ИПА програмите на ЕУ со финансиска поддршка од охридската Локална самоуправа. Возилото ќе се користи за подобрување на квалитетот и пристапноста на здравствената заштита и социјалните услуги за граѓаните од југозападниот регион кој опафаќа над 230. 000 жители, информира д-р Маја Божиноска Смическа.
„Целта на возилото и лабораториската опрема кои ги набавивме е за теренски посети. Тоа е мини амбуланта за да ги посетиме најоддалечените најзагрозените рурални терени. Понатака планираме возилото да го отстапиме на некои од здравствените институции во нашата општина“, вели д-р Божиноска Смическа.
Околу 600 граѓани, за повеќе од половина година со едукативната превентивна кампања на Здружението „Мозочен удар“, во 9 општини се едуцирани како да се заштитат од мозочиниот удар. Во моментов заради пандемијата со Ковид 19 кампањата е ставена во мирување. Од здружението не само што го едуцираат населението како да се превенира од мозочен удар туку собираат и податоци корисни за изготвување на национална Стратегија во борба против мозочните удари во земјава, кажува Божиноска Смическа.
„Ги анкетиравме граѓаните со цел да го превенираме ризикот од мозочен удар на населението и да утврдиме кои се најзагрозувачки ризик фактори во регионот, а тие подоцна да се водич за здравствените работници за да развијат стратегија за да превземат превенција и третман против мозочен удар. Ќе се алатка за институциите кои ќе дадат зелено светло за спроведување на стратегијата на национално ниво“, напоменува д-р Божиноска Смическа.
Од досегашните податоци на Здружението „Мозочен удар“ во 9 општини од Југозападниот регион најранлива категорија е населението над 60 годишна возраст од руралните средини. Мозочниот удар може да се превенира, но информираноста на јавноста за тоа како да се намалат ризик факторите е недоволна. 90 посто од населението не сака да се откаже од пушењето или менување на начинот на живот и да се применуваат здравите животни навики.
Инаку, мозочниот удар е втора најчеста причина за смрт во Европа, фатален во една третина од случаите и најчеста причина за инвалидитет.