Над 200 сорти вина, закуски од риба и незаборавна забава на Охрид Вино Фест
Утре започнува четвртото издание на охридскиот Фестивал на виното. Три дена охриѓани и туристите ќе имаат можност да уживаат во дегустација на квалитетни вина, закуски и богата музичка програма.
Охридскиот вински фестивал станува попрепознатлив белег на туристичката понуда на Охрид и оваа година ќе понуди вистинско уживање на брегот на Охридското Езеро, пред самиот старт на летната сезона. вели Градоначалникот Кирил Пецаков.
„Би сакал да упатам благодарност до Македонските винарии кои во континуитет ја препознаваат можноста за презентација на својот бренд и оваа година ги имаме во голем број. Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите настани, кои не само што ја збогатуваат забавната понуда за нашите гости, туку отвораат нови можности за промоција на домашните производи и за развој на туризмот како една од нашите клучни гранки. Ве поканувам сите да бидете дел од фестивалот, да го споделиме заедничкото уживање и уште еднаш да покажеме зошто Охрид е синоним за традиција и гостопримство.“ – кажа градоначалникот.
Над 25 македонски винарии и увозници на вино ќе понудат ризница на вкусови со над 200 сорти ароматични вина. Посетителите ќе можат да дегустираат и да купат квалитетни вина по промотивни цини.
„ Оваа година имаме неколку нови врсти на вино од нашите винарии и мислам дека ќе биде интересно да се пробаат новите сорти од винариите што имаат да покажат. Имаме розе од Тиквеш, имаме ребрендирање на некои брендови, ќе биде интересно да можеме да ги дегустираме вината кои ќе ни ги покажат винариите. Среќен сум што и оваа година ќе се дружиме со наши артисти и наша музика. Ги покануваме сите да дојдат и да видат што изненадување имаме.“ – изјави Пане Темов – „Крафт Продукција“, организатор на настанот.
Годинава дегустацијата на вино ќе биде збогатена со закуска од рибни специјалитети, а за забавата ќе се погрижат македонски естрадни ѕвезди. На отварањето на фестивалот на 26 јуни ќе настапат Тамара, Brass brothers, Backdoor band и DJ Gec. Вториот фестивалски ден е резервиран за „Куку Леле“, Дац и Александар, „Пауза за ракија“, DJ Nasty и Urban planet. Додека на третиот фестивалски ден за забавата ќе бидат задолжени Влатко Лозановски, „Ареа“, „Kамелеон“ и DJ Jana.
Фестивалот на виното е во организација на Крафт Продукција, со поддршка од Општина Охрид. И годинава ќе се одржува на познатата локација на кеј „Македонија“, пред хотел „Палас.
