Над 50 здруженија и институции од Македонија и Албанија се здружија против одржување на трка со моторни чамци „F1H2O“ на Охридско Езеро кај Поградец
Повеќе од 50 здруженија на граѓани, еколошки асоцијации и институции од земјава и од соседна Албанија покренуваат иницијатива за да се спречи одржувањето на настанот „F1H2O“ Формула 1 трка на вода, закажан за јули годинава во делот на Охридското Езеро кај Поградец, Албанија. Настанот „F1H2O“ кој е дел од светското првенство во трка со високо-туражни моторни чамци, според екологистите и научната фела претставува атак врз уникатниот екосистем на Охридското езеро. Според стручни лица од областа на заштита на животната средина, на настанот ќе бидат ослободени над 1.6 милиони килограми јаглероден диоксид (CO2), што во воздухот така и во самото езеро што е еквивалентно на штетните гасови кои ги испуштаат моторните возила на брегот и во водата во текот на цела една календарска година. Самата стартна платформа за 43 моторни чамци ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри каде што се наоѓа литоралната зона, предупредуваат иницијаторите на акцијата за спречување на одржувањето на настанот.
„Оваа трка ќе се организира во литоралната зона на Охридско Езеро која не е само место кадешто се мрестат рибите или гнездат птиците, туку е исто така место кадешто има најголем биодиверзитет и ниво на ендемизам . Охридското езеро има над 200 ендемични видови. По крајбрежјето на Охриското езеро нивото на ендемизам е од 30 до 80% што значи дека секој трет организам е ендемичен. Е ние сега сакаме да влезиме со големи чамци и да го уништиме живеалиштето. “ – кажа денеска ан прес конференција, Константин Здравески , Претседател на Здружение „Екоменолог“ – Охрид.
Од Националната установа „Хидробиолошки завод – Охрид“ која е дел од иницијативата велат дека како институција реагирале до соодветни повисоки инстанци со цел да го актуелизираат проблемот. Ваков грандиозен настан кој за Албанија би бил можност за промоција на туризмот, за нас е своевиден акт на насилство врз Охридското езеро, вели директорката на Хидробиолошки, Д-р Орхидеја Тасеска.
„Жално е што краткорочните економски бенефити, како што е потенцијалниот настан го зголемуваат антропогеното влијание врз Охридското езеро , односно нарушувањето на екосистемот и забрзаното стареење на овој природен екосистем. Таквите промени доведуваат до неколку фази на промени во животната средина, влијанието на тие мотори, односно физички, хемиски и биолошки промени во животната средина и живиот свет во езерото.“ – кажа Д-р Орхидеја Тасеска – Директор на НУ Хидробиолошки завод.
Градоначалникот на Поградец и Премиерот на Албанија Еди Рама го ставија својот потпис на договорот за одржување на трката Формула 1 во Поградец. Дали некој го информирал УНЕСКО за ова, кога двете земји имаат препораки за отстранување на заканите врз универзалното светско наследство на Охридскиот регион , дали функционира Билатералниот комитет за заштита на регионот, дали македонските власти се информирани за овој настан, дали овие две земји воопшто соработуваат за заштита на статусот на УНЕСКО. Ова се прашањата кои бараат одговор според албанскиот експерт за животна средина Аријан Мероли.
„Ние региравме не само до албанската Влада туку и до парламентот. Сега мислам дека ќе има интерпелација за министерката за животна средина поради оваа иницијатива. Јас лично разговарав со министерката но, за жал, таа не гледаше ништо негативно во оваа иницијатива за настанот . Но сите институции, сите невладини организации, околу 40 на број меѓу кои и универзитети се разочарани од организирањето на ваков настан во Албанија на Охридското езеро.“ – кажа Аријан Мероли – експерт за животна средина.
За иницијативата ќе биде испратена информација до сите релевантни државни институции во двете земји како и до телата на Комитетот за заштита на светското природно и културно наследство на УНЕСКО. Охридско Езеро старо повеќе од 2 милиони години, жариште на биодиверзитет, во 1979 ставено на листа на УНЕСКО како природно светско наследство, со закон е прогласено за Споменик на природата, во 2014та заедно со Преспанско езеро е прогласено за прекуграничен бисферен резерват, од 2021 година е заштитено со Рамсарската конвенција, тоа е ЕМЕРАЛД и Натура 2000 подрачје. Покрај сето ова, парадокс е да зборуваме за одржување на трка во Ф1 на ова езеро, велат иницијаторите за спречување на настанот. Инаку, тие не се први кои се побуниле против одржување на ваков настан. Во Венеција и на езеро во Кина во 2012 и 2017та поради реакции било откажано одржувањето на ова првенство.