Над 650 милиони денари изнесува општинскиот буџет за следната година
Градоначалникот и советниците од позицијата сметаат дека е донесен развоен буџет според потребите на граѓаните и можностите на општината. Опозицијата пак, со став дека за 2022 година во буџетот енормно се кратат пари за капитални трошоци, а притоа не поднесоа амандмани и гласаа воздржано.
Во висина од над 652 милиони денари се усвои буџетот на општина Охрид за 2022 година. Градските советници го донесоа буџетот со 15 гласа за и 6 воздржани. За советниците од позицијата ова е буџет кој нема да креира загуби, додека опозицијата смета дека има помалку средства за капитални трошоци.
Помалку пари ќе има за изградба и асфалтирање на улици, изградба на системи за атмосферска и фекална канализација, помалку средства за студенски стипендии, за јавната чистота и реконструкција на паркови и зеленило, напоменуваат од опозцијата. Ние не поднесовме амандмани и не реагиравме на висината на буџетот туку на распоредувањето на средствата, рече Живка Ангелоска, координатор на советничката група на СДСM и Коалицијата.
Во овој буџет се намалени капиталните трошоци во Програмата за уредување на градежно земјиште за 40 милиони денари, за изградба и реконструкција на улици и патишта за 14 милиони денари, во програмата за изградба на водоснабдување околу 20 милиони денари и во Програмата за изградба на системи за пречистување на отпадни води за 12 милиони денари – истакна Ангелоска.
Градоначалникот Кирил Пецаков пак, со став дека е донесен реален буџет кој треба да е остварлив до 95 проценти иако е намален во споредба со 2021 година. Се прави буџет во кој се земени предвид потребите на граѓаните коишто може да се релизираат според приходите што ќе се влеваат во општинската каса, истакна Пецаков. Додава дека во иднина ќе креираат буџет кој нема да генерира загуби и долгови на општината.
Секоја година буџетот ќе е планиран врз основа на приходите кои просечно се остварливи во една година за да има огромна реализација на буџетот и желбите на граѓаните кои ќе бидат вметнати да се реално остварливи, а не да има дупка како што е случајот со 2021 година. До 23.12.21 остварената реализација има разлика од 212 милиони денари од планираното и реализираното – вели Градоначалникот Пецаков.
Во 2022 година најголем прилив во општинската каса се очекува од даноците на имот и од градежните комуналии, а најмногу средства се планирани за поддршка на програмите за Тлер, за територијалната противпожарна единица, за животна средина, спорт.
Советниците покрај буџетот, денес ги усвоија и предлог програмите за работа на Јавните претпријатија, како и одлуките за разрешување и именување на членови во Училишните одбори, а беа донесени и одлуки и од сферата на урбанизмот.