Skip to main content

Дебитанско дело

Надеж на Ване Николоски

Во време на пад на човечките вредности, на една општа егзистенцијална криза на општеството, романот „Надеж“ од Ване Николоски фрла светло врз поединецот како херој на сопствената судбина кој се издигнува над тешкотиите преку љубовта, пожртвуваноста и надежта. Писателот Николоски, во својот роман првенец, става силен акцент на емоционалните аспекти на постоењето, како контратежа на растечката зависност на човекот од дигитализираниот свет.
 |  инфодеск  | 
Роман надеж

Романот „Надеж“ од Ване Николоски е универзална приказна за љубовта, доблеста, пожртвуваноста и надежта.

Ова дебитантско дело на авторот ја враќа довербата во човекот и утешува дека без оглед колку е трнлив патот и колку се тешки животните околности, добродетелите и вредностите на човечкиот карактер на крајот победуваат.

Преку главниот лик Адам Џонс Попов, приказната покажува како од сираче во домот за деца без родители се изградува една личност која преку постојаната битка за заштита на најблиските и за зачувување на човечкото достоинство, постигнува успеси.

Пораката на романот е тоа дека основните вредности се универзални, без оглед каде живееме, во кој град, село, држава, тие вредности надежта, пожртвуваноста, љубовта, и доблеста се исти. Ликот на Адам е изграден врз тие вредности. Тие вредности денес ги губиме. Читателот преку романот го враќам во едно поинакво време – истакна Николоски.

Писателот Николоски, става силен акцент на емоционалните аспекти на постоењето, како контратежа на растечката зависност на човекот од дигитализираниот свет.

Ване Николоски

Во романот нема географски одредници, местата само се насетуваат, но настаните и емоциите на главниот лик се реални и универзални. Стилот е лесен и разбирлив и романот се чита во еден здив.

Одбрав стил пришто се задржувам на емоциите преку кои го движам читателот обидувајќи се да не го испуштам, да го држам заинтересиран. Денес живееме во време на дигитализација и луѓето повеќе визуелно ги примаат работите и многу малку има емоција. Ние за жал ги губиме емоциите. А романот токму се случува во време кога не постои таа дигитализација. Би рекол во мое време, роден сум 1966 година, значи од тој период до доцните 80-ти години – вели писателот.

Николоски делото го создавал една година и целосно го напишал на рака. Го завршил во 2019-та година, но поради светската пандемија се одложила промоцијата. Па така романот на охридската јавност ќе и биде претставен во среда, на 13-ти јули во Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Романот „Надеж“ љубителите на пишаниот збор можат да го пронајдат во книжарницата Просвета во чаршијата и во градската библиотека.

Ване Николоски е роден во охридското село Куратица. Во 1970 година животниот пат го носи во далечната Австралија. 

Но, по 4 години тој се враќа назад во родната земја и каде го поминува детството, за во 1991 год повторно да замине во Австралија каде живее до денес со својата сопруга и двете деца. Во Мелбурн работи во една од најголемите компании во Австралија. 

После работниот ден исполнет со пренесување на знаењето и тренинг на младите кадри,  Николоски слободното време го посветува на читање и пишување, за кои вели дека се неговата душевна храна.