Надлежните сe координираат за заштита на регионот од пожари
Мерки и координација за заштита на регионот од пожари, беше тема на работниот состанок што СВР Охрид го одржа со Локалниот совет за превенција.
Целта на оваа средба е дефинирање на клучните превентивни и други мерки за поголема и поефикасна комуникација со локалното население, со советодавните групи граѓани, со урбаните и месните заедници, за следење на состојбите во шумските појаси, пасиштата и другите површини на отворен простор, донесување конкретни мерки за навремено информирање и преземање брзи реакции за спречување и заштита при евентуална појава на пожари, мерки за јакнење на свеста кај граѓаните за опасностите од пожари, за координација при употреба на сите расположливи капацитети и опрема која наменски може да се користи за контрола и заштита на шумите од пожар и соодветна брза реакција на службите за навремено локализирање на избувнат пожар, информираат од СВР Охрид.
На координативната средба, покрај полициски службеници од полициската станица Охрид, присуствуваа претставници на штабот за заштита и спасување при општина Охрид, на Територијалната противпожарна единица, на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, на шумската полиција, на јавното претпријатие „Македонски шуми“ и на Планинарска спасувачка единица -Охрид.
По неколкуте пожари на отворен простор на подрачјето што го покрива, СВР Охрид отпочна со поинтензивни активности и контроли со цел, поголема заштита на регионот од појава на пожари.
Апелираме, граѓаните да избегнуваат палење оган во шумските предели, на стрништа, на плевел, отпадоци и на секој друг отворен простор, и потсетуваме дека, предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни кривични пријави и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици, додаваат од СВР Охрид.