Skip to main content

Надлежните да ги разјаснат околностите и по чија вина е отстранета спомен плочата од НОБ во Охрид

Отстранета спомен плочата на ул Димитар Влахов која сведочи за настан од антифашистичката борба на македонскиот народ. Министерката за култура го осуди чинот и ги повика надлежните да ги разјаснат околностите, како и по чија вина е отстранета спомен плочата. Плочата стоеше пред куќата со автентична градба и историско значење која целосно беше изменета во спорна реконструкција за која во Основното јавно обвинителство Охрид се води истражна постапка за бесправно градење.
 |  Маја Савиќ  | 

Откако не остана ништо од автентичната градба  на ул „Димитар Влахов„  отстранета и  спомен плочата посветена на настан од Народноослободителната војна. Инвеститорот отстапувајќи од проектот за реконструкција  и конзерваторското одборение прво ја отстрани оригиналната куќа, а сега ја отстрани  и мермерната спомен-плоча ,потсетник на историски настан од 1941 година, кога на тоа место бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор.

Ваквиот начин на третирање на заштитеното културно наследство е казниво дело, се огласи Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска најостро осудувајќи го отстранувањето на плочата. Таа ги повика надлежните институции, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за внатрешни работи и општина Охрид, како надлежна за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен обележјата, да постапат во рамки на своите законски надлежности и да ги разјаснат околностите, како и по чија вина е отстранета спомен плочата.

Секој треба да биде одговорен, согласно законските обврски, и да придонесе кон почитување на историјата и историските настани.  Веднаш ќе постапиме согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја и ќе испратиме инспекција на терен за да се утврди фактичката состојба и примената на законот.  се вели во реакцијата на Костадиновска Стојчевска.

Во меѓувреме за реконструкцијата на објектот на ул „Димитар Влахов“ во Основното јавно обвинителство Охрид се води истражна постапка против две лица за бесправно градење.  

Во август  минатата година градилиштето беше затворено, а овластен градежен инспектор  донесе Решение за отстранување на нелегалните доградби на објектот.  Но инвеститорот ја отстрани жолтата лента и градежните зафати скоро и да не се прекинати до денес.  На локацијата се гради нов објект со поголем габарит кој нема ништо од автентичниот изглед на оригиналната градба.

ОЈО Охрид води истражна постапка против две лица за реконструкцијата на куќата на ул „Димитар Влахов“ | Портал ТВМ (tvm.mk)

Белата куќа на ул. Димитар Влахов не ја преживеа „реконструкцијата“ | Портал ТВМ (tvm.mk)