Наградата „Горна порта“ во рацете на доајенот на македонското сликарство, Јордан Манасијески
Неговиот придонес во светската уметност воопшто, неговите бројни награди на престижни колонии насекаде низ светот, особено последната година се најдобрата причина за Манасијески заслужено да ја добие наградата-вели Игор Кичеец, претседател на комисијата за доделување на наградата.
Јордан Манасијески, доајенот на охридското и македонското сликарство добитник на престижната награда „Горна порта“. Претседателот на комисијата која ја доделува наградата, Игор Кичеец, смета дека критериумите за да се добие една ваква награда се доста високи. Кичеец вели дека самото име на наградата „Горна порта“ покажува на еден симбол на градот, но пред се една асоцијација на некои повисоки критериуми.
Тој појаснува зошто се одлучиле токму Манасијески да биде добитник на наградата за 2013та година.
„Уметникот Манасијески е присутен ширум светот и има собрано мноштво признанија. Изложувал во Париз, Лувр, Лондон, Јапонија и секаде освојува високи признанија а за дел од кои покасно ќе се чуе. Сметаме дека е многу заслужена наградата и задоволство ми беше вчера во име на лајонс клубот да му ја доделам на Јордан Манасијески. Критериумите се високи, наградата не е парична, само е мотивирачка затоа што знаете дека најтешко е да бидеш признат меѓу своите, во своето место.“-рече Игор Кичеец, претседател на комисијата за доделување на наградата „Горна порта“
За творештвото и значењето на сликарот Јордан Манасијески со почит проговори и неговиот долгогодишен соработник, Љупчо Жупан од галеријата Букефал, во која години наназад се изложени дела на Манасијески.
Жупан потсети на бројните награди и изложби на кои учествувал Манасијески, како што се престижните изложби во Париз, Лувр, Лондон. Жупан вели дека на сите овие места селекцијата ја вршат можеби најквалитетните луѓе во уметноста во светски рамки.
„Таму имаме едно координативно тело на квалитетни сликари, уметници кои го дефинираат неговото слиакрство дека е од висок калибар и сите тие позиции го ставаат Јордан на светската мапа на современите текови на ликовната уметност. Со него излагавме и на биеналето во Фиренца, а истата година и во Арт салонот во Њу Јорк. Можам да кажам дека сите тие последователни покани за изложби и награди што доаѓаат од тие салони се една потврда за неговиот квалитет во сликарството.“-вели Љупчо Жупан од галеријата „Букефал“
Манасијески освен ова домашно признание годинава е добитник и на наградата од Интернационалниот биографски центар во Лондон каде е номиниран да влезе во книгата на интернационални биографии на познати личности на светско ниво, а веднаш после оваа номинација е избран и во стотте најпрофесионални личности во својата област за 2013та година. Што се однесува пак до наградата „Горна порта“, Манасијески свечено ја прими вчеравечер на прославата на роденденот на Лајонс клубот „Охрид“ кои ја воспоставија и доделуваат оваа престижна награда. Претходно, добитници на наградата се уште композиторот Љупчо Константинов, потоа академик Цветан Грозданов и доајенот на охридската староградска чалгиска песна, Кузман поп Стефанија.
{loadposition content9}