Од Центарот за култура „Григор Прличев“ информираат дека добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2025 година е авторот или авторката на поемата „Темна кутија“, пријавена под шифра „Јас, малиот Тој“. Одлуката едногласно ја донесе комисија во состав Славе Ѓорго Димоски – претседател и Зоран Анчевски и Андреј Ал Асади како членови.
– Од вкупно 9 пристигнати ракописи, 7 ги исполнуваа конкурсните критериуми. Поемата „Темна кутија“ претставува длабока духовна и егзистенцијална исповед на лирскиот субјект, кој преку долгата драматична исповед го претставува сопствениот судир со судбината, смртта, поезијата и смислата на човечкото постоење. Оваа поема е најконзистентна и отскокнува со поетски елементи, ја следи логиката на наративот од почеток до крај и вешто создава слики во главата на читателот, стои во образложението на комисијата.
Авторот на наградената поема „Темна кутија“ треба да го докаже авторството со доставување на оригиналниот примерок.