Најавените Балкански тури од февруари ќе ја продолжат туристичката сезона
Туристите од европските земји кои од февруари идната година ќе доаѓаат во земјава, ќе ја продолжат сезоната и ќе го зголемат туристичкиот промет во земјава. На Балканска тура, на која ќе одат Французи, Германци и Англичани се очекува гостите да трошат од 30 до 50 милиони евра во Скопје и Охрид, со што за 10 до 15% ќе се зголеми сегашниот број на туристи.
Според првиот човек на градот Охрид овие туристи ќе значат продолжување на сезоната во главниот туристички центар, огромна поддршка за локалната самоуправа, но и голем бенефит за хотелско угостителскиот сектор.
-Дефинитивно е од огромна помош првично за локалната самоуправа во однос на приходот за туристичка такса, меѓутоа секако и за бизнисите од угостителско-хотелскиот сектор, кои ќе соработуваат со овие оператори. Бројката е повеќе од одлична и што е најважно тие доаѓаат во период кога не е шпиц на сезона, тоа е одлично и поразлично од се она што сме го гледале изминатите 20 години, вели Кирил Пецаков градоначалник на Општина Охрид.
Научната фела смета дека треба да се инвестира во туристичките капацитети и едукација на стручен кадар кој ќе може да ги опслужи гостите.
-На целото охридско крајбрежје нема повеќе од 17 000 легла кои може во еден момент да примат гости. Може не треба да се размислува за градење нови капацитети, но сепак треба да има ревитализирање на постојните. Треба да имаме соодветен кадар кој говори јазици. Во РМ има само четворица лиценцирани водичи на германски јазик, на француски има само двајца. Еден во Охрид и еден во Скопје. Како ќе ги опслужиме истите ако не го говориме нивниот јазик, треба да се инвестира во обука на соодветни кадри, вели професорот Климент Наумов.
Се очекува 35 илјади туристи од февруари следната година да одат на балканска тура која започнува во Скопје, Црна Гора, Албанија, Охрид и завршува повторно во главниот град, според аранжманот што го предвидува германската туристичка комппанија РСД со која Владата постигна договор.
Новинар Соња Рилковска